1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Еулекс веќе не е добредојден на Косово

Бахри Цани / Елизабета М. Фиданоска1 септември 2013

Владата на Косово бара завршување на мисијата Еулекс. Набљудувачите се сомневаат дека институциите на Косово можат да се борат сами против корупцијата и криминалот и да се занимаваат со истрага на воени злосторства.

https://p.dw.com/p/19ZmR
Фотографија: DW/B. Shehu

Мисијата Еулекс на Косово е најголемата мисија на Европската Унија. Нејзина цел е поддршка и надгледување на почитувањето на принципите на правна држава на Косово. Во фокусот на работата на Еулекс се истрага на воени злосторства, корупцијата и организираниот криминал, како и надгледување и советување на правосудните, полициските и царинските институции на Косово.

Од февруари 2013 година со мисијата раководи германскиот дипломат Бернд Борхарт. Таа е финансиски поддржана од земјите членки на ЕУ, како и од САД, Норвешка, Турција, Швајцарија и Канада. Годишниот буџет на мисијата, која опфаќа 2.250 странски и косовски соработници, изнесува 111 милиони евра.

Портпаролот на Еулекс Блерим Красниќи вели дека е јасно оти мисијата еден ден ќе го напушти Косово. „Но, ние не сакаме да оставиме зад себе слаби институции, кои ќе бидат и натаму под влијание на политиката и нема да можат да се борат против корупцијата и организираниот криминал“, нагласува Красниќи. Целта на ЕУ е Косово да може да стои на сопствени нозе, а тоа е тесно поврзано со функционирањето на правната држава, додава тој.

Критика на сметка на Еулекс

Во текот на изминатите години на Косово често имаше критика на сметка на работата на мисијата на ЕУ за недоволна ефикасност, расфрлање со пари и наводна едностраност кон одредени ентитети. Србија го обвинува Еулекс за поддршка на стремежите за независност на Косово, но со работењето на Еулекс се незадоволни и институциите на Косово.

Bernd Borchardt Leiter der Eulex Mission in Kosovo
Бернд Борхарт, шеф на Еулекс и Бахри Цани, новинар на ДВФотографија: DW/B. Cani

Косовскиот парламент на крајот на јули донесе резолуција и ја задолжи владата да подготви план за завршување на мисијата на Еулекс. Повод беше апсењето на петмина команданти на поранешната Ослободителна војска на Косово (ОВК) од страна на Еулекс во мај годинава. Уапсените се обвинети за воени злосторства во текот на косовската војна. Меѓу уапсените се и Сулејман Селими, поранешен командант на ОВК и се‘ уште официјален амбасадор на Косово во Албанија, како и Сами Луштаку, градоначалник на градот Скендерај (Србица), на северот на Косово, и политички сојузник на косовскиот премиер Хашим Тачи.

Резолуцијата ја иницираше Куртан Кајтази, пратеник од Демократската партија на Косово (ПДК). Тој во парламентот зборуваше за обид на Еулекс „да ја извалка борбата на Косовците за слобода“. Според него, воените злосторства на Косово „ги извршиле српските сили, а не ОВК“.

Планот на косовската влада за исфрлање на мисијата на ЕУ треба да биде готова до почетокот на септември и треба да му биде поднесена на парламентот на гласање. Дритон Лајки, советник на косовскиот министер за правда, за Дојче веле изјави дека документот е веќе готов. Сега парламентот мора да одлучи.

„Иако Еулекс го редуцираше присуството на Косово уште во јуни 2012 година, натамошно модифицирање на улогата на мисијата на ЕУ е неопходно“, вели Лајки. Предлогот на Владата предвидува пренос на компетенциите на Еулекс на косовските институции.

Гарант на дијалогот

Од почетокот на мисијата, поради сомневање дека сториле воени злосторства или поради обвинувања за корупција, уапсени се повеќе десетици косовски политчари и административци. Досега се донесени повеќе од 40 пресуди. Многу од постапките и процесите се во тек. Многумина набљудувачи се сомневаат дека косовските институции консеквентно ќе ги спроведуваат истрагите за воени злосторства на косовските Албанци против Србите, Ромите и припадниците на другите малцинства.

Eulex Logo
Ќе се повлече ли Еулекс?

Друга важна задача на Еулекс е спроведување на договореното во текот на дијалогот на Косово и Србија во Брисел. Белград предупредува дека крај на мисијата на ЕУ би го загрозило целиот дијалог и дека ниту еден договор нема да може да се спроведе. Иван Џуриќ, советник на српскиот претседател, косовските планови за ставање крај на мисијата Еулекс ги нарекува „апсурдни“, поради тоа што, како што вели, не било решено прашањето на статусот на Косово. „Нема услови за самостојност на косовското правосудство и полиција“, нагласува Џуриќ.

Дали Еулекс навистина ќе се повлече од Косово наредната година е повеќе од спорно. „Нашиот актуелен мандат истекува во јуни наредната година. Дали потоа ќе се продолжи, во каква форма и со каков мандат, тоа ќе мора заеднички да го дефинираат Еулекс, членките на ЕУ и Владата на Косово“, вели за ДВ Бернд Борхарт, прв човек на Еулекс. Тој додава дека е убеден оти земјите членки се подготвени да даваат и натаму поддршка за мисија на Косово, но мора да се дефинира како таа треба да изгледа.

Мисијата Еулекс моше да биде завршена само со согласност на Брисел и Приштина. ЕУ има многу можности за вршење притисок врз косовската влада - без поддршка од Брисел не може да се случи ниту либералзиација на визниот режим, ниту интеграција на Косово во ЕУ, НАТО и ОН.