1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Етнократија и се заканува на демократијата

Катерина Блажевска23 септември 2012

Етнократијата не е актуелен „brand name", бидејќи во помала или во поголема мера таа две децении континуирано го окупира политичкиот систем во Македонија. Експертите препорачуваат изградбата на силно граѓанско општество.

https://p.dw.com/p/16Ctn
Фотографија: MIA

Демократијата добива опасна конкуренција во етнократијата, не само во власта, туку и во цивилното општество, предупредува д-р Гордана Силјановска - Давкова, професор по правни науки на УКИМ.

„Единаесет години по преточувањето на рамковните одредби во уставни, Охридскиот договор се' уште се 'дополнува' низ слободна интерпретација, со што се трансформира во надустав. Тоа отвора простор за етнизирана политика надвор од 'rule of law'. Синдромот на 'две влади во една', како и заложбите за примена на двојно одлучување во Уставниот суд и при изборот на владата, не се во функција на демократијата, туку на етнократијата", оценува Давкова.

Regierungsgebäude der Republik Mazedonien
Влада на МакедонијаФотографија: DW

Во формирањето на Секретаријатот за спроведување на Рамковниот договор, таа гледа типичен пример за надуставна фетишизација. „Формирање на државен орган за еден sui generis акт, е непознат феномен во компаративното право и во политиката, освен можеби во Кинеската културна револуција", заклучува Давкова и додава дека работата на Секретаријатот денес повеќе рефлектира владеење на луѓето, отколку на владеење на правото.

Рушити: Секретаријатот е сведен на биро за вработување

Дури и ако се занемарат правните околности, Секретаријатот не ја исполнува функцијата за која беше формиран, оценува Сулејман Рушити, поранешен министер за образование.

„Во очите на Албанците, тој е сведен на приватно биро за вработување. Нема ни буџет, ни механизми за спроведување на Договорот, а ни капацитети кои би биле натпартиски коректор во случаи на нарушување на меѓуетничките односи", укажува тој. Симптомите на етнократијата и на поделбата на „наши и ваши институции", според него, не се иницирани од Албанците.

„Македонските политичари не треба да им создаваат параноја на Македонците дека Албанците ќе ја земат државата. Но, замислете да нема отворени меѓуетнички прашања во земјава! Тогаш целата гарнитура политичари ќе биде непотребна, бидејќи е некомпетентна за реалните предизвици, особено за интегративните процеси", заклучува Рушити.

Политикологот и поранешен вицепремиер за евроинтеграции, Ивица Боцевски, проблемот го лоцира во двојното толкување на Охридскиот договор.

Ivica Bocevski
Ивица БоцевскиФотографија: Dragan Todorovski

„Ако на него се гледа како на модус за признавање на етнички разлики, за елиминирање на дискриминаторски практики и за заштита од мајоризација, тоа е интегративен начин на толкување. Но, ако на етникумот се гледа како на посредник помеѓу граѓанинот и институциите, ако во Македонија има 'два победника на изборите' или ако е можна 'влада без Албанци', тоа е федерално толкување и води кон етничка сегментација", објаснува Боцевски.

Дијагноза без терапија

Етнократијата во помала или во поголема мера континуирано го окупира политичкиот систем во изминативе две децении. Претседателката на собранискиот Комитет за односи меѓу заедниците и член на владејачката ДУИ, Ермира Мехмети-Деваја, сепак, проблемот го анализира низ актуелниот политички миг.

Emira Mehmeti Devaja
Ермира Мехмети-ДевајаФотографија: Petr Stojanovski

„Прашањето е актуелно поради институционалната блокада во која ја втурнавме земјава како коалициски партнери. Да, етнократија и се заканува на нашата млада демократија, со тензии по етнички линии и со борба за политичка доминација преку сопствените етникуми, што ја држи во заложништво реформската динамика", признава Мехмети-Деваја.

Македонската политичка и интелектуална елита денес не покажува ни волја, ни смелост да се впушти во отворена дебата за етничките предизвици. Експертите засега се повикуваат на единствениот проверен рецепт, кој како лек против етнократија ја препорачува изградбата на силно граѓанско општество деконтаминирано од политизација на етникумите, во кое поважни од малцинските права ќе станат индивидуалните.