1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Ескалација на немирите во Киргистан

14 јуни 2010

Десетици илјади Узбеци се во бегство поради бранот насилства врз најбројното малцинство во Киргистан. Привремената влада во Бишкек досега не успеја да го смири насилството. Според владата, за масакрот е виновен Бакијев.

https://p.dw.com/p/NqC0
Разурнувачки етнички немири во ОшФотографија: AP

Состојбата во јужниот дел на Киргистан и понатаму ескалира. Во големите градови Ош и Џалалабад вооружени млади луѓе, и покрај барикадите за излез и мобилизацијата, одат низ улиците. Се палат населби каде пред се‘ живеат припадници на узбекистанското малцинство. Со години немало толку големи етнички немири.

Десетици илјади бегалци на границата со Узбекистан

An der Grenze zwischen Usbekistan und Kirgistan Kirgisien
Границата помеѓу Узбекистан и КиргистанФотографија: DW / Mikhail Bushuev

Германската поборничка за човекови права Андреа Берг, која минатите три дена практично беше заробена во еден хотел во Ош, известува за случувања кои наликуваат на војна. Над градот се шири густ чад, пукањето не престанува. Претставничката од Хјуман Рајтс Воч скоро секоја минута телефонски добива нови хорор-вести од градот: „Најмногу добивам повици од луѓе од узбекистанските населби, кои известуваат дека врз нив се пука. Дури и кога се подготвени доброволно да си заминат, сепак им пукаат во грб, за да ги спречат безбедно да го напуштат градот.“

Привремената влада повеќе пати бараше од узбекистанското малцинство на југот од земјата, да се направи безбедносен коридор на границата кон Узбекистан. Војската или не сакаше, или не можеше да го стори тоа. Десетици илјади бегалци чекаат на границата за влез во Узбекистан. Поборничката за човекови права смета дека ќе дојде до хуманитарна катастрофа: „Тоа значи дека засега се релативно безбедни од разурнувачките киргистански банди и стрелања. Но, тука секако е најважен хуманитарниот проблем, односно како ефикасно и брзо да се снабдат бегалците со шатори, прехранбени продукти и лекарства? Има голем број повредени, кои се довлечкале до самата граница, на кои им е потребна лекарска помош.“

Соборениот претседател Бакијев е виновен за немирите?

Во меѓувреме и во Ош снемува прехранбени продукти. Болниците се безнадежно преоптоварени. Над 1.200 повредени мора да бидат згрижени. Резервите на крв, лекарства и завои веќе одамна се потрошени. Официјално има околу 100 мртви. Но, всушност има многу повеќе: „Вчера на пладне претставниците на узбекистанската заедница овде избројаа 520 лешеви. Само што ни јавија телефонски дека овде насекаде има лешеви и почнува да смрди.“

Kurmanbek Bakijew, neuer Übergangsstaatschef in Kirgisien
Соборениот претседател на Киргистан Курманбек БакијевФотографија: AP

Привремената влада знае дека нема да може сама да ја смири ситуацијата. Шефицата на владата Роза Отунбаева вчера (13.06) повторно и‘ се обрати на Русија, со молба да испрати мировни трупи. Досега Русија го одбива тоа. Рускиот претседател Дмитри Медведев денеска (14.6) сака да разговара со Заедницата на независни држави за можно заедничко дејствување.

Никој не верува во тоа дека етничките немири избиле ненадејно, токму сега. Бандите се ектремно добро организирани, известува Андреа Берг. Тие имаат пари и оружје на располагање: „Исто така постојат информации дека голем дел од нив воопшто не се од Ош. Имено, тоа се организирани групи кои се донесени во градот однадвор.“ Се шират многу шпекулации и гласини. Што навистина се случува, ако воопшто се дознае, ќе се дознае дури многу подоцна. Привремената влада во Бишкек во секој случај е сигурна дека кланот на соборениот претседател Бакијев е најмногу виновен за ескалацијата. Бакијев, кој се наоѓа во азил во Белорусија, го негира тоа.

Автор: Кристина Нагел/ Јасна Мушиќ Јанчулева

Редактор: Жана Ацеска