1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Ескалација во Киев - судири и исвиркана опозиција

ЕМФ/афп/ртр/дпа19 јануари 2014

И покрај забраната за демонстрации, во Киев денеска десетици илјади луѓе протестираат против власта. На маргините на протестите дојде до судир меѓу демонстрантите и припадниците на безбедносните сили.

https://p.dw.com/p/1AtRf
Фотографија: Reuters/Gleb Garanich

Во Киев попладнево (19.01) дојде до тешки судири меѓу демонстрантите и безбедносните сили. Полицијата употреби палки и солзавец против демонстрантите во центарот на градот, од кои дел фрлаа со камења и молотови коктели. Повредени се најмалку две лица. Противниците на власта се обидоа да ги пробијат полициските блокади и да стигнат до зградата на парламентот. Притоа, тие направија обид и да ги отстранат полициските возила кои ја блокираа улицата. Како што јавуваат агенциите, запалено е најмалку едно возило. Во моментот кога опозициониот лидер Витали Кличко направи обид да дејствува смирувачки на толпата и самиот стана цел на напад, односно беше испрскан со апарат за гаснење пожар.

Ukraine Demonstration Kiew
Фотографија: Reuters/Gleb Garanich

Демонстрации проти власта и забраната за демонстрации

Околу 200.000 проевропски настроени Украинци денеска на улиците на Киев протестираат против владата и забраната за демонстрации. Тие носат карневалски маски, тенџериња, сита или картони на главите, за да ги исмејат заострените санкции за маскирани демонстранти, кои властите го донесоа во петокот (17.01). Имено, пред два дена украинскиот претседател Јанукович го потпиша пакетот закони со кој се крати правото на демонстрации и, меѓу другото, се предвидуваат парични казни за демонстрантите кои протестираат со маски на лицето или со шлемови. За градење бини или поставување шатори без дозвола, предвидена е казна затвор со 15 дена, додека во случај да се врши блокада на јавен објект следува казна затвор во траење до 5 години. Заострени се и казните за „клеветење на интернет“. Еден суд во Киев, освен тоа, во средата (15.12) забрани одржување на демонстрации во Киев, без да наведе причини за одлуката.

Ukraine Demonstration Kiew Vitali Klitschko
Витали Кличко се обидува да ја смири толпатаФотографија: Reuters/Gleb Garanich

Лидерите на опозицијата исвиркани

Опозиционерот Витали Кличко денеска промените на законот ги нарече „илегални“ и од безбедносните сили побара да му се приклучат на протестното движење. Арсени Јазењук, шеф на партијата на затворената Јулија Тимошенко, рече дека парламентот нема легимитет и побара создавање „Народен совет од политичари на опозицијата“. Но и опозиционерите денеска ја почувствуваа лутината на народот. Демонстрантите во Киев ги исвиркаа и опозиционите политичари поради тоа што немаат план и единствен лидер.

Demonstration und Proteste in Kiew 19.01.2014
Исмевање на власта и мерките против демонстрацииФотографија: Reuters