Ескалацијата на насилството во Газа закана за целиот регион?
30 декември 2008Меѓународната заедница мора да стори повеќе за да се стави крај на конфликтот во Газа изјави генералниот секретар на ОН, Бан Ки Мун
„Мора да се употребат сите средства кои ни стојат на располагање за да се запре насилството, да се отвори дијалогот и да се пронајде мирно решение за излез од кризата“, рече Бан. Тој е шокиран, тажен и потресен од нападите кои продолжуваат и поради се’ поголемиот број жртви, меѓу кои има и соработници на ОН. Бан апелираше: „Израел и Хамас мора да ги прекинат насилствата и да сторат се’ за да се избегнат цивилни жртви“, констатираше Бан.
За Вашингтон и Берлин виновник е Хамас
Белата куќа пак, повторно го обвини Хамас дека е виновен за ескалацијата на насилството во Газа. „За да се спречи насилството потребно е Хамас да ги прекине ракетните напади врз израелска територија и да се согласи на почитување на трајно примирје“, изјави портпаролот на Белата куќа, Гордон Џондроу. Тој додаде дека Хамас има можност да биде партнер во мировниот процес, да го признае правото на постоење на Израел, да го запре насилството и да живее согласно со претходните заложби на Палестинците.
“Но, наместо тоа Хамас избира да стрела со ракети врз Израел. Ќе повторам! Хамас може да избере, но во моментов тие избираат да бидат терористичка организација која го напаѓа Израел. Тоа не води кон трајно примирје“, рече Џондроу.
И за германската канцеларка Ангела Меркел, Хамас е виновен за ескалацијата на ситуацијата во регионот. И таа ја повика палестинската радикална организација да престане со ракетните напади. Шефот на германската дипломатија Франк Валтер Штајнмаер, пак во синоќешниот разговор со палестинскиот претседател Махмуд Абас изјавил дека актуелниот развој на настаните во Газа е закана за стабилноста во целиот регион. Како што соопшти министерството за надворешни работи, двајцата констатирале дека решението за проблемите треба да се пронајде преку стабилен политички процес.
Состанок на шефовите на ЕУ дипломатиите
Инаку денеска за ситуацијата во Газа, во Париз ќе расправаат и министрите за надворешни работи на земјите членки на ЕУ. Како што соопшти француското претседателство со Унијата, министрите ќе разговараат и околу можните мерки коишто може да ги преземе Унијата со цел да се реши сегашната криза.