Ербас А 380 принудно слета во Сингапур
4 ноември 2010Само пет минути по полетувањето од аеродромот во Сингапур, џамбо-џетот со 459 патници мораше да сврти назад и принудно да слета. Очевидци на настанот за германската новинска агенција ДПА посочија дека слушнале силен тресок од левата страна на авионот, по што виделе парчиња како летаат. Првичната паника брзо стивнала, бидејќи авионот продолжил многу стабилно да лета, а пилотите веднаш ги информирале патниците за настанот и неговата далекусежност. Со оглед дека Ербасот А 380 располага со четири мотори, можел да се врати и да слета без проблеми. Патниците сепак морале да останат во кабината без климатизација додека надлежните служби го сопреле истекувањето керозин од расипаниот мотор на пистата.
Потрага по причините
Поради инцидентот во Сингапур австралиската авио-компанија Квантас ги приземји под итно сите авиони од овој тип и нареди да останат на земја се’ додека не се открие причината. Шефот на „Квантас“ Алан Џојс кусо по настанот посочи дека станува збор за сериозен проблем со моторот:
„Очигледно дека е прерано да се каже нешто повеќе, инцидентот штотуку се случи. Се чини дека станува збор за грешка во моторот. Поведовме истрага заедно со експерти на концернот Ербас и на производителот на моторите Ролс-Ројс.“
Додека да заврши истражната постапка летовите со Ербасот А 380 ги запре и „Сингапур ерлајнс“, додека германската авио-компанија „Луфтханза“ порача дека сите планирани летови со овој тип авиони ќе се реализираат.
Автор: Г.Ч./Т.Т./дпа/афп
Редактор: Трајче Тосев