1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Ерата Мубарак заврши

11 февруари 2011

Египетскиот заменик-претседател Омар Сулејман денеска (11.02) во Каиро соопшти дека египетскиот претседател Хосни Мубарак поднесол оставка. Власта Мубарак и‘ ја предал на војската. Славје во целата земја!

https://p.dw.com/p/10FyH
Војската ќе управува со земјатаФотографија: AP

По три децении на власт, се откажа - египетскиот претседател Хосни Мубарак се повлече од функцијата. Ова денеска во Каиро го соопшти вице-претседателот Омар Сулејман. Според Сулејман, власта Мубарак и‘ ја предал на војската, па со земјата ќе управува Воен совет. На чело на Воениот совет треба да застане министерот за одбрана Мохамед Хусеин Тантави, се вели во кругови на армијата. Засега не е јасно какви промени ќе има во најважните институции во државата. Највисокиот Воен совет дава уверувања дека не сака да владее трајно во земјата. Портпарол на Советот најави соопштение за тоа како армијата го замислува преодниот период. Највисокиот по ранг генерал во земјата вечерва изјави дека Мубарак се повлекол „во интерес на народот“.

По веста за повлекувањето на Мубарак, на плоштадот Тахрир во Каиро имаше експлозија на радост. Плоштадот наликува на море од знамиња. Луѓето пејат и се радуваат, низ улиците се слушаат автомобилски сирени, а слична е ситуацијата и во другите градови на земјата.

Ägypten Kairo Rücktritt Mubarak
По 18 дена на улиците, целта е исполнетаФотографија: AP

Хосни Мубарак денеска со своето семејство го напушти главниот град и побегна во египетското одморалиште Шарм ел Шеик на Црвеното Море, каде поседува своја вила. Носителот на Нобеловата награда за мир Мохамед ел Барадеј, според БиБиСи, изјавил дека ова е најубавиот ден во неговиот живот.

Денеска, инаку, е 18 ден од почетокот на демонстрациите во Египет на кои се бараше оставка на претседателот Мубарак. Ситуацијата во текот на денот се менуваше, но беше многу тензична. Демонстрантите ја имаа опколено не само зградата на државната телевизија, туку и претседателската палата. Во местото Ал Ариш, според изјави на очевидци, во текот на денешните демонстрации било убиено едно лице.

Автор: ЖА/АТ/ЕМФ/дпа/афп/ртре/ард

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема