Епл продаде пет милиони Ајфон5 за три дена
24 септември 2012Епл денеска (24.09) соопшти дека пет милиони апарати Ајфон5 се продале во првите три дена од продажбата, што значи уривање на рекордот што Епл го држеше со Ајфон4, кога за една недела по појавувањето на пазарот, беа продадени четири милиони апарати. Пред продавниците на Епл во Калифорнија во петокот (21.09) имаше долги редици купувачи кои чекаа на новите смартфони. Ајфон5 беше бестселер уште пред да почне продажбата. Нарачките за смартфонот, и покрај цената од 679 евра, беа двојно повеќе отколку за неговиот претходник. Само во првите 24 часа од почетокот на примање на нарачките од страна на американскиот концерн, Епл имаше веќе два милиона резервации за Ајфон5. Аналитичарите претпоставуваат дека до крајот на септември ќе бидат продадени десет милиони апарати.