1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

ЕОН ќе отпушта илјадници вработени

10 август 2011

Откако пријави загуба од 1,5 милијарди евра за вториот квартал од годинава, од најголемиот германски енергетски концерн ЕОН сега пристигнуваат најави за укинување на преку 11 илјади работни места ширум светот.

https://p.dw.com/p/12EBk
Седиштето на ЕОН во ЕсенФотографија: picture-alliance/dpa

По пресвртот во германската политика во однос на користењето на атомската енергија, најголемиот енергетски концерн во земјата се соочува со сериозни проблеми. За првпат во историјата на ЕОН компанијата се соочила со загуби во вториот квартал од годинава кои се пред се’ предизвикани од владината одлука за затворање на повеќе нуклеарни централи во земјата. Сега ЕОН разгледува планови за отпуштање на 11 илјади од вкупно 85 илјади вработени ширум светот, потврди денеска првиот човек на концернот Јоханес Тајсен. Само во Германија треба да бидат укинати 6600 работни места.

ЕОН нема јасна перспектива за развој

Bildgalerie Atomkraft in Deutschland AKW Isar
Затворањето на првите нуклеарки во Германија тешко ги погодува енергетските концерниФотографија: picture-alliance/ dpa

Неопходните заштеди што треба да ги направи компанијата не можат да се достигнат само со намалување на основните трошоци. Од плановите за кратење на работните места најмногу ќе бидат погодени вработените во управата на компанијата, соопшти Тејсен во Диселдорф.

Работничкиот совет и синдикатите остро ги критикуваа планираните мерки во ЕОН. На компанијата и‘ недостасува јасна перспектива за развој, истакна шефот на работничкиот совет во ЕОН, Ханс Прифер.

Проблемите на концернот главно се лоцираат во затворањето на првите атомски централи, како дел од владината одлука за напуштање на стратегијата за користење на нуклеарната енергија но и на проблемите со неповолните договори за испорака на земен гас.

Студија: Цената на струјата во Германија значително ќе се зголеми

Поради одлуката за напуштање на користењето на атомска енергија, струјата во Германија до 2030 години ќе чини вкупно 32 милијарди евра повеќе.
Забрзаното напуштање на атомската енергија води кон преместување на производството на електрична енергија во странство и кон зголемен увоз на фосилно гориво, се наведува во студијата направена по налог на германското министерство за економија. Според одлуката на германската влада од крајот на јуни деветте преостанати атомски централи во земјата треба постепено да бидат исклучувани се‘ до 2022 година.

Автор:СН/ЖА/дв/дпа

Редактор: Жана Ацеска