1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Ел Масри пред Европскиот парламент

Тони Гламчевски14 март 2006

Калед ел Масри и неговиот адвокат Манфред Гњидиќ синоќа во Стразбур побараа да се расветли целата афера со грабнувањето на Масри, инсистирајќи Европскиот парламент да ги добие сите информации за улогата на Македонија, но многу европратеници се интересираа и за личноста и активностите на Масри и неговите мотиви за заминувањето во Македонија

https://p.dw.com/p/Ac87
Масри во Стразбур
Масри во СтразбурФотографија: AP
Нема сомневање, тајните служби се вмешани во илегалното апсење на германскиот државјанин со либанско потекло, Калед Ел Масри.

Но, сепак, европските пратеници и по повеќе од час и половина поминати со Калед ел Масри и неговиот адвокат Манфред Гњидиќ, не успеаја да најдат докази за вмешаноста на европските власти во оваа афера.

Ел Масри и пред се неговиот адвокат раскажаа пред истражната комисија на Европскиот парламент како тој беше уапсен на 31 декември 2003 година во Македонија и пренесен на 23 јануари во Авганистан, за да биде испитуван за сомневањата за неговите врски со исламистичките терористи, по што беше биде ослободен во мај 2004-та.

Многу европратеници, како на пример германецот Елмар Брок, се интересираа и поставуваа прашања за мотивите кои го наведоа ел-Масри да патува во Македонија, за тоа дека тој бил следен од германската полиција во Улм пред да замине на одмор во Македонија, како и за неговото минато во либанската радикална фракција „Ал Тавхит“, и дали имал контакти со албанската УЧК.

„Немав контакти со УЧК, не ни знам точно што е таа. Не ни гледам што подразбирате под екстремна или радикална, немам контакти со ниту една организација“, се бранеше ел- Масри од нападните прашања на европратениците, кои изразија многу сомневања за вистинските мотиви за неговото патување во Македонија.

Ел Масри призна дека македонската полиција се однесувала добро кон него, а адвокатот Гњидиќ ги запозна европратениците дека успеале преку интернет да го најдат хотелот каде бил задржан од македонската полиција и препознал еден од вработените.

Многу прашања беа поставени и за идентитетот на извесен „Сам“, кој во затворот во Авганистан го испрашувал на совршен германски јазик, знаејќи детали од животот на ел- Масри во Германија. „Сам беше Германец, тој зборуваше без странски акцент“, велејќи дека тој му го соопштил изборот на новиот германски претседател. Ел Масри не знае дали Сам работел за германските власти и по советувањето со американците одбил да му каже дали тие се во тек за неговото грабнување.

Известувачот на времената комисија Џовани Фава, за Дојче Веле изјави:„Не ме интересираат причините за неговото патување или за проблемите во семејството, дали е поврзан со радикални движења, дали тој е добар или лош. Мене ме интересираат институционалните проблеми, што се случи со германскиот државјанин во Македонија и во Авганистан, каде еден германски државјанин беше затворен без правни гаранции.“

На крајот од сослушувањето, Калед ел Масри и неговиот адвокат Манфред Гњидиќ, побараа да се расветли целиот случај, инсистирајќи Европскиот парламент да ги добие сите информации за улогата на Македонија.

Претседателот на комисијата, Карлос Коело, ги запозна европарламентарците дека има измени во програмата за работа на комисијата:„Господинот Божиновски од весникот „Време“ од Поранешната Југословенска Република Македонија, се откажа да сведочи пред комисијата“, без притоа да даде причини зошто.“ Имено овај македонски новинар беше повикан да сведочи во Брисел на 21 март.