Ел Барадеи подготвен да биде премиер
27 ноември 2011Поранешниот прв човек на Меѓународната агенција за атомска енергија, Мохамед ел Барадеи кусо пред почетокот на парламентарните избори во Египет изјави дека е подготвен да се откаже од неговата кандидатура за претседател на државата, доколку биде задолжен да раководи со преодната влада на национално единство.
Ел Барадеи ја даде оваа изјава по средбата со претседателот на Воениот совет на Египет, Хусеин Тантави. Нобеловиот лауреат на членовите на неговиот изборен штаб меѓутоа им нагласил дека е подготвен да ја превземе премиерската функција само ако на неговата влада и бидат доделени посебни овластувања, за да може да ја преброди преодната фаза.
Демонстрантите во Каиро го сакаат Ел Барадеи
По оставката на досегашната преодна влада на чело со Есам Шариф, Воениот совет го назначи Камал ал Ганзури за нов премиер. Најголем дел од египетското население меѓутоа не го прифаќа избор на Ганзури поради неговата блискост со поранешниот претседател на државата, Хосни Мубарак. Политички активисти повикаа денеска на нов протест за да изразат несогласување со таквата одлука на воените власти.
Демонстрантите во Каиро бараат воените лидери да ја напуштат власта и во повеќе наврати го предлагаа ел Барадеи да ја води државата кон демократски промени. Утре (28.11.2011) во Египет ќе се оддржат парламентарните избори, први од соборувањето од власт на долгогодишниот претседател Хосни Мубарак во февруари годинава.
Автор:СН/ЖА/ртр/дпа/ап
Редактор: Ж. Ацеска