Елитно училиште за фудбалерки
29 август 2013Ким Фелхауер има 15 години, Лена Кели Мартин 14. Двете се збудалени по фудбал.
„Убаво е секогаш кога сум со топката, а и тимот што го имаме во моментов едноставо е супер“, вели Лена, а Ким објаснува:
„Спортот е мојот живот. Спортувам секој ден и мислам дека без спорт веќе не можам.“
Лена е осмоодделенка, а Ким е во деветто одделение. Двете се во гимназијата Ротенбил во Саарбрикен. Училиштето има поддршка од Германскиот фудбалски сојуз. Денот на девојчињата им е целосно исполнет.
Ким Фелхауер раскажува:
„Станувам во 6 часот, јадам, потоа одам на училиште или тренираме наутро. Од училиштето директно одиме на пишување домашни задачи, потоа ме земаат, имам тренинг и во девет се враќам дома.“
Настава, секој ден тренинг, понекогаш и наутро и навечер, натпревари во текот на викендот. Распоредите на часови и на тренинг што ги имаат Ким и Лена се усогласени. Маргрет Крац, од Фудбалскиот сојуз на покраината Саарланд, вели:
„Наставниците соработуваат со нас апсолутно добро и не внимаваат само на тоа девојчињата да ги подобрат своите оценки на училиште, туку се радуваат и кога тие ги подобруваат спортските резултати и почнуваат да играат за репрезентацијата.“
Кога се на турнир девојчињата понекогаш пропуштаат настава. Но Лена вели дека тоа не пречи: „Тоа не е често, не сум секоја недела отсутна по еден ден или слично. Тоа е само понекогаш. Потоа соучениците ми кажуваат што учеле и можам брзо да го совладам пропуштеното.“
Ким, пак, оценува:
„Нема предмет во којшто сум многу слаба, но нема ниту предмет, освен спорт, за кој би рекла дека сум шампион.“
Двете имаат малку слободно време. Ким вели:
„Не е лесно да се стане и да се тренира, но тоа носи нешто, па оттука...“
Лена додава: „Не можам да кажам дека немам воопшто време, но ако сакаш успешно да се занимаваш со ова, мора да се жртвува време.“
Нивен сон е да заиграат на светско првенство. За таа цел тренираат напорно.