1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

ЕК: Инфлацијата во Македонија расте

С.Недевски/АМ/бета28 јули 2013

Во економска анализа на Европската комисија, до која дојде агенцијата Бета, претпазливо се наведува дека би требало да продолжи заздравувањето на стопанството и економскиот раст во земјите од Западен Балкан.

https://p.dw.com/p/19FS8
Фотографија: picture alliance / Arco Images GmbH

Во земјите од Западен Балкан дојде до извесно закрепнување и економски раст, иако тоа се' уште не е одразено на и понатаму големата стапка на невработеност, ниту на подобрување на животниот стандард и зголемување на потрошувачката во земјите од тој регион, се истакнува во економската анализа на Европската комисија (ЕК) за првите шест месеци од оваа година.

Во анализата, која ја имала на увид српската агенција Бета, се нагласува дека до заживување во економијата и растот на Брутодомашниот производ (БДП) во земјите од Западен Балкан дошло затоа што минатата година четири земји од тој регион западнале во рецесија. Заздравувањето и економскиот раст би требале да продолжат, но и натаму да бидат „кревки".

„Одложен учинок“ на заздравувањето

Претставниците на ЕК во Брисел, со голема претпазливост, и' пренесоа на Бета дека за тоа би требало да помогне и веќе воочливото заживување на економијата во самата ЕУ, која е убедливо најзначајниот пазар за земјите од Западен Балкан. Поради вообичаено „одложениот учинок" на економското заздравување и растот на БДП, невработеноста во регионот се' уште се нема намалено. Како што се наведува во документот на ЕК „условите на пазарот на труд се и понатаму тешки на Западен Балкан, што влијае на значајно намалување на потрошувачката", што во тој регион е исто така важен фактор за економскиот раст.

„Разликите во растот на БДП не се, меѓутоа, занемарливи и се движат од 2,1 проценти во Србија, па се до 4,3 проценти во Црна Гора. Невработеноста во Босна и Херцеговина достигна стапка од 44,5 проценти годинава, а само донекаде е намалена во Албанија, исто како и во Македонија, каде се' уште е 29,9 проценти и во Србија, каде е 24,1 процент", се наведува во анализата на ЕК.

I
Фотографија: picture-alliance/dpa

Инфлацијата е во пад во БиХ, Црна Гора, Косово, како и кај кандидатот за членство во ЕУ - Исланд, и тоа може да има извесен поволен ефект на реалните приходи на населението.

Проблеми со буџетскиот дефицит

Во Македонија и кандидатот за членство во ЕУ - Турција, инфлацијата расте, „додека во Србија стагнира, но се' уште е многу висока".

„Освен во Турција, во сите земји од процесот на придружување кон ЕУ дојде до намалување на платниот дефицит поради слаба домашна побарувачка, што го ограничи растот на увоз, додека извозот е потикнат со постепениот пораст на странска побарувачка", наведува ЕК и додава дека „ускладувањето е далеку помалку впечатливо кога станува збор за нерамнотежните буџети".
 
Се укажува на тоа дека „причините за поголеми буџетски дефицити отколку што е планирано во 2012 година, се поради паѓањето на буџетските приходи во Србија и во БиХ, а покрај тоа во Македонија и Албанија се значително зголемени издатоците, така што буџетскиот дефицит во Македонија бил повисок од планираниот во првите месеци годинава и брзо пораснал на над 70 проценти на целосната годишна цел". Во Србија владата морала да посегне кон ребаланс на буџетот и на парламентот му предложила буџетскиот дефицит да се утврди на значително повиско ниво од 5,2 проценти БДП, а само во Црна Гора, Косово и Турција буџетската политика главно била ускладена со планот, оценува Европската комисија.