1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Експресно одбиени барања и депортации на азилантите од Македонија

Силвера Падори-Кленке1 јули 2013

Додека германските надлежни служби со страв го следат порастот на баратели на азил, хуманитарците инсистираат на поголем ангажман во прифаќањето бегалци. За двајца баратели од Македонија азилот е како - џек пот !

https://p.dw.com/p/18vJh
Фотографија: picture-alliance/ dpa

Хуманитарните организаци како УНЦХР, Амнести интернешенл, Диакони и  Евангелистичката црква, на берлинскиот симпозиум посветен на бегалците и ефективната заштита од дискриминација, побараа поголем ангажман на Германија  во  прифаќањето на  барателите на азил, но и во подобрувањето на животот на оние кои ја чекаат одлуката за идниот статус. Наспроти податоците на Сојузната служба за миграции и бегалци за големиот притисок на баратели на азил во Германија, експертите кои се занимаваат со оваа проблематика упатија остри критики врз квалитетот на постапките. Сослушувањето е премногу административно, суво, најчесто без правен застапник. Преводот е на јазикот кој барателите на азил можеби го познаваат, но не е  нивен мајчин. Тоа се само дел од упатените критики во кои како круцијално неподобен се зема податокот што вистинските причини за барање азил, можеби и се наведуваат, но не се респектираат како аргумент за постапката.

Неаргументирани одбивања

„Многу добро ја познавам целата состојба со барателите на азил од Македонија и Западниот Балкан. Позната работа е дека поголемиот дел од барателите, кои се главно Роми, немаат свои адвокати ниту правни застапници при првото сослушување од страна на Службата за миграција, што е практично и решавачко и најрелевантно за натамошната судбина на луѓето. Можам да кажам дека  врз основа на овие репрезентативни сознанија од практиката на Сојузната служба  за миграција и бегалци, индивидуалните доживуваања се утврдуваат, но немаат влијание и барањата за азил главно се одбиваат, без притоа вистински да се согледаат суштинските причини. Покрај ова се користат апстрактни правни форми, формулации, без притоа да се проценат одделните судбини на барателите“, вели за ДВ д-р Рајнхард Маркс, адвокат од Франкфурт.

Asyl in Deutschland
Во одбиените барања за азил има многу администрација и малку грижа за индивидуалната судбина - д-р Рајнхард Маркс, адвокатФотографија: Silvera Padori-Klenke

Тој дополнува дека за барателите од Македонија и Балканот процедурата е експресна. Луѓето стигнуваат во Германија, доброволно или службено се откриваат и сослушуваат. За барателите на азил од другите држави нормалната процедура до добивање термин за прво сослушување трае од 8 до 9  месеци. Ромите од Западниот Балкан се сослушуват за само неколку дена. За две до три недели стасува и одлуката дека барањето е одбиено, по што луѓето  се депортираат онаму од каде што дошле.

„Обично, како што кажав, одбивањето на барањето за азил не е вистински аргументирано. Една нормална потапка трае од 12 до 15 месеци“, подвлекува д-р Маркс.

Одбиени критики

Вака упатените критики на адреса на Сојузната служба за миграција и бегалци од Нирнберг, децидно ја одбива Урсула Грефин Прашма, раководителот на одделот за постапката за азил и координација на интеграцијата.

„Ова во моментов не е наше искуство! Многу лица кои сега по втор пат поднесуваат барање за азил се добро подготвени. Многумина носат лекарски атести за здравствената состојба и имаат правни застапници. Што значи доброто правно застапување во постапката за барање на азил е многу подобра отколку во изминатата година“.

Инаку, според Прашма, бројките на баратели на азил од Македонија  повторно се зголемуваат, што впрочем беше тренд и во 2012.

Asyl in Deutschland
Сојузната служба брзо одлучува за барателите од Македонија - Матијас ХенингФотографија: Silvera Padori-Klenke

„Македонските државјани немаат шанса да им се признае право на азил и да добијат статус на бегалци во Германија. Надлежните судови кои ги обработуваат обжалените предмети за одбиено барање за азил речиси во 100 отсто од случаите ги потврдуваат одлуките. Нема многу исклучоци, како на пример доделување престој поради болест која во Македонија не би можела да се лекува, поради што би бил доведен во прашање животот на барателот. По притисокот од зимата, сега, во летниот период, ќе следуваат депортациите во Македонија со забрана за повторен влез во Германија“, објаснува и  Матијас Хенинг раководител на службата за управување со постапките за азил во сојузната служба во Нирнберг. Тој дополнува дека Сојузната служба е доста брза во донесувањето на одлуките. Меѓутоа, кога некој е одбиен, надлежноста ја презема Службата за странци која треба лицето да го врати во татковината.
„ Службите за странци се различно брзи. Има многу брзи, како онаа во Баварија, а и има многу бавни кои не би сакал сега да ги посочам“, вели за ДВ Матијас Хенинг.

Азилот како џек пот


Поради ваквото различно темпо на обработка на барањата за азил, произлегува дека патешествието до Германија за многумина е своевидна лотарија. Вистински џек пот за малкутемина кои сепак тука остануваат. Или како што се вели, секој со својата среќа. А дека е така потврдуваат и приказните на Селвие и Трпе од Македонија. Двајцата дошле тука во потрага по подобар живот, и двајцата имале различен тек на постапките за доделување азил.
Селвие по втор пат со четирите деца е во Германија. Лани стасала „регуларно“, но по две недели живот на улица била фатена и по брза постапка вратена. Не се „офајдила“, но и не се разочарала и среќата си ја пробала и по втор пат пред три недели. Како стасала, вели, е нејзина работа:

„Сама се пријавив. Ама тоа дека сме дискриминирани во Македонија, дека никој не ни дава работа и дека нема иднина за децата, не влијаеше во извештајот за да бидеме прифатени! Сега сме во еден дом со уште педесесетина други жени и фамилии од Сирија, Иран и што знам од каде се’ не! Не е убаво... Ми рекоа дека ќе не вратат и сега чекаме...Но, не сум песимист! Пак ќе се обидам кога ќе соберам малку пари. Можеби не во Германија, ќе видам“, вели  Селвие.

Leipzig Asylheim Torgauer Straße
Чекањето на одлуката за доделување азил главно е во објекти со лоши стандардиФотографија: DW

Трпе од околината на Велес, коментира дека името му се погодило. „Кога ме крстиле, како да ми ја запишале и судбината. Цел век да трпам...Ама, има се граници. Во Берлин сум веќе две години. Фала му на господа и на Германците – тука станав човек“, кажува Трпе, кој со семејството (жена и шест деца) живеел во една соба во Македонија каде „зиме не се спиело од студ (без греење), а лето не се дишело од горештина“. „Ни работа ни  сабота“, вели тој. Ден за ден собирал пластика по велешките контејнери. Децата му биле гладни, сакале да учат но нема со што да го плати превозот, книгите, облеката... Пред две години,  заминал.

„Стасав како стасав. И веднаш се предадов на властите. Од еден во друг ’хајм’ (сместувалиште, н.з.) ја минав зимата со многу неизвесност, чекање, па пак продолжување на престојот. Беше тешко, но сега сум човек. Сега имам вистински дом, но што е најважно, децата  одат на училиште, а јас по курсот по германски ќе го учам занаетот на соништата – на 40 години ќе учам за механичар“, се фали Трпе, и додава:

„Во Македонија не сакам да се вратам! Но, не сакам да бидам на товар ни на Германија. Сакам да работам и да живеам нормално како сиот свет!“, вели Трпе, кој не крие дека секое ново утро во германската престолнина го доживува како ново раѓање. Негово, и на неговите најблиски!