Експресно изгласан собранискиот деловник
19 јули 2008Во отсуство на опозицијата, владејачкото мнозинство воведе нови правила за функционирање на Собранието. По итна постапка, со 71 глас „за“ и ниту еден „против“ донесе нов собраниски деловник. Освен ВМРО-ДПМНЕ, за него гласаше и ДУИ, која речиси за идентичен предлог пред неколку месеци имаше огромни забелешки и поднесе над илјада амандмани. Со новиот деловник не е предвидена употребата на албанскиот јазик на сите нивоа, на која тогаш инсистираше лидерот на ДУИ, Ахмети. Тој ќе може да се користи само на седниците и во работата на комисиите, но не и во нивното водење.
Нови правила за говорницата
Со новиот закон пратениците ќе можат да се пријават за говор само еднаш, и тоа само во првата минута од седницата. Ним ќе им биде дозволено да говорат 10 минути, а на координаторите 15. Опозицијата надвор од собраниската сала ваквите решенија донесени без консензус ги оцени како досега најгрубо силување на демократијата.