1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Експлозии во кампот на демонстрантите во Банкок

ЕМФ/дпа/апд19 јануари 2014

Досега мирните протести против тајландската влада сѐ повеќе се засенети од насилство. Експлозиите и истрелите ги разлутија демонстрантите. Нејасно е кој се крие зад насилството.

https://p.dw.com/p/1AtOG
Фотографија: Reuters

На две недели пред изборите во Тајланд, ескалира насилство на протестите во Банкок. Вчеравечер (18.01) беше застрелан стражар во кампот на демонстрантите во главниот град на Тајланд, а денеска експлозија во еден од седумте опозициони протестни кампови повреди најмалку 28 лица. Извршителите се во бегство. Демонстрантите и владата се обвинуваат меѓусебно за нападите.

Познатиот тајландски колумнист Правит Роџанапрук оценува дека зад нападите може да стојат три страни со свои интереси. Според она што колумнистот го напиша на својот профил на Твитер, зад нападите може да стојат владата и нејзините приврзаници, чија цел би била да шират страв и да изнудат преговори, потоа Народно-демократскиот комитет за реформи (ПДРЦ), кој бил имал за цел да рашири страв од пуч во земјата или евентуално припадници на армијата кои сакаат пуч.

„Во сите три случаи полицијата не може да ги најде извршителите“, изјави Аканат Промпан, портпарол на ПДРЦ. „Тие се или неспособни, или самите се поврзани со инцидентите“, убеден е Промпан.

Antiregierungsproteste in Thailand Explosion 19.01.2014
Опозицијата има седум протестни кампови во БанкокФотографија: picture-alliance/dpa

Првиот човек на армијата, генерал Танасак Патимапраком, ги повикува двете страни итно да започнат дијалог. „Владата и демонстрантите би морале да попуштат, но нацијата би профитирала“, изјави тој за весникот „Нација“.

Тајландската премиерка Јинглак Шинаватра тврди дека нејзината врата „е секогаш отворена“, но лидерот на протестите Сутеп Таугсубан отфрла преговори.

Од ноември минатата година демонстрантите со протестни маршеви во Банкок бараат оставка на владата. Под ваков притисок, премиерката закажа нови избори, но демонстрантите сакаат да спречат нивно одржување поради тоа што најверојатно како победник од изборите повторно ќе излезе власта. Приврзаниците на протестното движење ја обвинуваат Јинглак и нејзиното семејство дека поткупуваат политичари и институции ширум земјата, со што се одржуваат на власт со години. Лидерот на опозицијата Сутеп бара основање на Народен совет во земјата, кој би спровел реформи и нови закони во Тајланд, по што би се одржале избори.