1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Експлозиите во Бостон „потенцијален терористички напад“

Б. Георгиевски/ап/афп16 април 2013

Властите се‘ уште не можат со сигурност да потврдат дали експлозиите во Бостон се терористички напад, и не знаат кој стои зад него. Во експлозиите загинаа три лица, а повеќе од 140 се повредени.

https://p.dw.com/p/18GRY
Фотографија: picture-alliance/dpa

Најмалку три лица загинаа, а 140 се повредени во двојната експлозија која се случи синоќа (15.04) за време на одржувањето на маратонот во Бостон. Властите го истражуваат масакрот како „потенцијален терористички“ напад, но засега се воздржуваат од конечни оценки. Со сигурност е исклучено, единствено дека се работи за несреќен случај, поради времето и местото на експлозиите.

Анонимен извор од Белата Куќа соопшти дека нападот се третира како терористички акт, но одби да даде натамошни детали. Американскиот претседател Барак Обама во обраќањето до јавноста избегнуваше споменување зборови како „терор“ или „тероризам“, изјавувајќи дека властите „се‘ уште не знаат кој го сторил нападот и зошто“.

„Ќе го пронајдеме виновникот за ова. Ќе откриеме зошто го сториле ова. Сите одговорни индивидуалци, сите одговорни групи, ќе ги стигне правдата“, порача Обама.

US-Präsident Barack Obama nach Anschlag in Boston
Барак ОбамаФотографија: Reuters

Истрагата веднаш ја презедоа агенти на Федералното истражно биро (ФБИ), но засега не е утврден мотив за нападот, ниту некој е приведен. Никој досега не ја презема одговорноста.

Единствено пакистанските талибанци, кои го организираа заговорот за напад на Тајмс Сквер во Њујорк во 2010 година, преку интернет демантираа било каква поврзаност со нападот.

Маратонот, кој се организира во чест на Денот на патриотите, привлекува околу 25.000 учесници и 500.000 посетители и се смета за најмасовно посетен спортски настан во тој дел на САД. По нападот во Бостон, безбедноста е зголемена во Њујорк, Вашингтон и други американски градови, стравувајќи од можен поширок терористички заговор.

По должината на маратонската патека биле пронајдени уште две неексплодирани бомби кои полицијата успеала да ги демонтира. Во текот на ноќта лекарите работеа без престан во болниците во Бостон за да ги спасат повредените. Очевидци тврдат дека на местата на експлозиите можат да се видат отсечени раце и нозе на жртвите кои биле во близина на експлозијата. Двете експлозии одекнале на 100 метри оддалеченост една од друга, веднаш крај тркачката патека, на места каде што имаше густа фреквенција на гледачи. Меѓу жртвите е и едно 8 годишно дете.

USA Anschlag Boston Marathon Explosion
Фотографија: picture-alliance/AP

Поради експлозиите во САД подигната е безбедноста и во други држави ширум светот. Полицијата во Лондон, каде следната недела треба исто така да се одржи маратон, ја подигнаа безбедноста и повторно ги разгледува безбедносните планови.