1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Економски пулсирања

29 јули 2010

Избор од стопански вести: Темпото на порастот на американското стопанство опаѓа; ММФ и’ одобри на Украина нов кредит; Германците за годишен одмор планираат да потрошат вкупно околу 78 милијарди и 389 милиони евра.

https://p.dw.com/p/OXN7

Темпото на порастот на американското стопанство опаѓа. Според најновиот извештај на националната емисиона Фед-банка, во просек севкупните стопански активности се во пораст, но со минимално темпо, а во некои региони дури дошло до застој. И на пазарот на работна сила се забележани само скромни подобрувања. Стапката на невработеност и натаму изнесува 9,5 проценти.

Меѓународниот монетарен фонд и’ одобри на Украина нов кредит од 15 милијарди долари за пополнување на празнините во буџетот, а владата мораше да прифати строга програма за штедње. Првата транша од 1,89 милијарди е префрлена веднаш, а натамошните се условени со резултатите на тримесечните контроли, што ќе ги врши Фондот. Украинската влада прифатиле буџетскиот дефицит во наредната година да го сведе на 3,5 проценти, а до 2015 вкупниот долг на државата да го намали под 35 проценти од годишниот бруто домашен производ.

Германците годинава за годишен одмор планираат да потрошат вкупно околу 78 милијарди и 389 милиони евра, односно околу 2 илјади евра по семејство. Тоа е за 10 проценти помалку од лани. Освен тоа, се’ повеќе луѓе се решаваат одморот да го поминат во земјата. Ова произлегува од анкетата спроведена од институтот Ипсос. Во европски рамки Германците се на долниот раб. Најмногу пари за одмор трошат Британците - во просек речиси 400 евра повеќе од Германците.

Оперативната добивка на германскиот концерн „Сименс“ во вториот квартал годинава во секторите индустрија, енергетика и медицинска техника порасна за 40 проценти во споредба со истиот период лани и достигна 2,33 милијарди евра. Бројот на нарачки е зголемен за 22 процента и достигна обем од 20,87 милијарди. Резултатите се значително повисоки од прогнозите на аналитичарите.

Корејскиот производител на автомобили „Хјундаи“ во вториот квартал оствари рекорден резултат од околу 900 милиони евра. Нето добивката е за 71 процент повисока отколку во истиот период лани. Посебно висока побарувачка за автомобилите на петтиот по големина светски производител е забележана во САД и Кина. Експерти очекуваат втората половина од годинава да биде проблематична за „Хјундаи“, со оглед на растечките цени на суровини и слабостите на американското и европското стопанство.

Јапонскиот концерн за електорника „Панасоник“ планира со издавање нови акции да дојде до капитал од 5,7 милијарди долари, со кои целосно би ги преземал претпријатијата „Санио електрик“ и „Панасоник електрик“. „Санио“ е најголем светски производител на акумулатори.

Автор: Моника Ломилер/ Џанг Дангхонг/ Зоран Јордановски

Редактор: Александра Трајковска