1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Wirtschaft Nachrichten

27 мај 2010

Кина ги преиспитува своите вложувања во зоната на еврото, поради се’ поголемата загриженост во врска со состојбата со буџетите на некои земји од таа зона.

https://p.dw.com/p/NYLl
Фотографија: AP

На средбата на претставници на кинеските власти надлежни за странски валути и на банкари, според пишувањето на „Фајненшел тајмс“, биле искажани сомневања во однос на кинеските инвестиции во Грција, Ирска, Италија, Португалија и Шпанија. Кина има најголеми девизни резерви во светот во износ од две илјади и четиристотини милијарди долари, од кои, според проценките, околу 630 милиони се вложени како кредити во земји од зоната на еврото. Експерти сепак очекуваат дека Кина во моментов најверојатно нема да ги намалува своите инвестиции во евро-зоната за да не влијае негативно врз турбуленциите на финансиските пазари во светот.

*****************************************************************

Јапонскиот извоз засилено го влече стопанското заздравување на земјата. Во април извозот порасна за 40 проценти во однос на март, додека увозот е зголемен за 24 насто. Со тоа јапонското стопанство 13 месеци последовно бележи суфицит во надворешноо-трговскиот биланс, кој само во април изнесуваше 6,7 милијарди евра. Огранизацијата за економска соработка и развој предвидува стопански пораст на Јапонија од 3 проценти, што е повеќе од досега очекуваното, а во наредната година од 2 насто. Но, Јапонија и натаму страда од висока невработеност и постојано опаѓање на цените.

********************************************************************

Шесте земји од Советот за соработка во Персискиот залив многу веројатно нема уште во текот на годинава, како што беше претходно планирано, да воведат заедничка валута. „Ќе ја имаме, но не за една или две години, ни треба повеќе време“, изјави шеикот Хамад Бин Џасим ал Тани, премиер на Катар. „Еврото и натаму ни служи за модел, но сега ќе набљудуваме што ќе направат Европејците во оваа и наредната година“, рече тој.

***********************************************************************

Кинеското претпријатие Фокскон, најголем светски производител на делови за електроника, е под притисок по серијата од десет самоубиства на негови соработници од почетокот на годинава. Во фабриката на Фокскон во Шенжен работат 300 илјади луѓе. Претставници на работниците му припишуваат одговорност за самоубиствата на крутиот раководен стил во претпријатието, кое припаѓа кон тајванскиот концерн Хон хаи пресижн индатсри и произведува за Епл, Сони, Дел, Нокиа и Хјулит-Пакард.

Автор: Џанг Данхонг/ Моника Ломилер/ Зоран Јордановски

Редактор: Жана Ацеска