1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Економски пулсирања

15 октомври 2009

Постигнат договор околу идната владина програма за контрола над финансиските пазари во Германија. Натегањата околу авто-концернот „Опел“ продолжуваат. Швајцарскиот фармаколошки концерн „Роше“ и натаму бележи развој.

https://p.dw.com/p/K6Zo
Фотографија: Deutsche Börse AG

Експертите за финансии на коалиционите партнери во идната германска влада, Унијата и либералите, постигнаа единство околу заедничка владина програма за регулирање на финансиските пазари. По финансиската криза, банките треба да создадат поголем сопствен капитал, стои во постигнатиот договор во работната група за финансии, која работи во рамките на коалиционите преговори. Надзорот над банките ќе биде сконцентриран во рацете на Централната банка.

***********************************

Третата по големина банка во Сингапур, ОЦБС, на изненадување го купи азискиот сектор за работа со приватни лица на холандскиот финансиски концерн ИНГ и со тоа го остави со празни раце конкурентот, британскиот финансиски институт НСБЦ. Секторот е купен за 1,46 милијарди долари, соопшти сингапурската банка. Со тоа вкупниот обем на средствата во сопственост на приватни лица кај Сингапурската банка ОЦБС се зголемува за три пати, на цели 23 милијарди долари. Трансакцијата треба да биде извршена до крајот на годинава.

***********************************

Symbolbild OPEL General Motors
Фотографија: AP

Натегањата околу авто-концернот „Опел“ продолжуваат. Фриц Хендерсон, шефот на „Џенерал моторс“, во чија сопственост е „Опел“, денеска соопшти дека се‘ уште се водат интензивни дискусии меѓу „Џенерал моторс“, инвеститорот „Магна“ и руската „Сбербанк“, со цел да се дојде до конечен договор, изјави Хендерсон при посетата на Јужна Кореја. Во разговорите учествува и германската влада, која треба да им обезбеди кредити на инвеститорите. Според зборовите на Хендерсон, договорот може да биде потпишан до крајот на оваа недела.

*********************************

Швајцарскиот фармаколошки концерн „Роше“ го засили подемот и во третиот квартал од годината. Тоа се должи пред се‘ на големиот пораст на обртот преку лекот против свинскиот грип - Тамифлу. Концернот денеска соопшти дека е постигнат обрт од 36,4 милијарди франци во првите девет месеци, што е дури 9 проценти повеќе отколку во истиот период минатата година.

Автор: Улрих Клаус/ Жана Ацеска

Редактор: Александра Трајковска