1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Amnesty Jahresbericht

29 мај 2009

Организацијата за човекови права „Амнести Интернешнл“, во годинешниот извештај констатира дека економските и социјални права на половина од човештвото се остваруваат се‘ помалку.

https://p.dw.com/p/HzUi
Годишниот извештај на „Амнести Интернешнл“Фотографија: picture alliance/dpa

Годишниот извештај на „Амнести Интернешнл“ покажува - во светот владее не само економска криза, туку и криза на човековите права. Дел од земјите членки на Советот за човекови права на ОН гледаат потврда за нивните критики упатени на сметка на богатите, западни индустриски земји. При глобалната рецесија е како кај промената на климата - богатите се предизвикувачи на најголемиот дел од штетите, но сиромашните се тие што најмногу страдаат од последиците на разузданата глобализација и вртоглавиот развој, вели генералниот секретар на „Амнести Интернешнл“, Ирене Кан.

Во последниот годишен извештај се конкретизирани токму овие последици. Секој трет жител на градовите ширум светот живее во слам, во несоодветни услови за живот, без доволен пристап до услугите на јавните претпријатија и е постојано под закана на принудно иселување, несигурност и насилство. Кон тоа треба да се додадат и општествената и политичка изолација, растечката нерамнотежа и безобѕирното експлоатирање на сите што мислат поинаку од властите. Кој не ужива економски и социјални права, ги губи бргу и неговите политички и граѓански права.

Економски гиганти со проблеми во спроведувањето на човековите права

Застрашувачки голем број влади, големи претпријатија и финансиски институции придонесле за таквата состојба или се дури нејзини предизвикувачи, или во најмала рака - не спречиле создавање на таква состојба.

Динамичните економски гиганти во Азија се критикувани поради запоставување на човековите права - Индија, поради тоа што не се справува со проблемите во градските сламови и во руралните региони, а Кина поради тоа што се‘ повеќе ги изолира земјоделците и работниците, кои не работат во местото на живеење, од економскиот развој во земјата, што се‘ повеќе ја ограничува слободата на мислење, ги прогонува критичарите на корупцијата и сивата економија и не им овозможува судски процес, каков што треба да има во една правна држава.

Irene Khan Amnesty International
Ирене Кан, генерален секретар на „Амнести Интернешнл“Фотографија: AP

И покрај впечатливиот пораст, каков што се бележи во Латинска Америка, ситуацијата на одредени групи население повеќе се влошила отколку што се подобрила. Индигените народи и жителите во руралните подрачја се‘ уште не можат да ги спроведат своите права на чиста вода за пиење, медицинска нега и образование.

Јасна е и критиката за актерите на истокот на Демократска Република Конго - поради алчност, корупција и економски интереси на моќ населението осиромашува и се наоѓа во спирала на насилство. На Тунис му се забележува дека со насилство ги решил протестите поради растечките цени и лошите економски услови, а на Саудиска Арабија и‘ се забележува дека многу ги ограничила правата на жените и на мигрантите, кои дошле да работат во таа земја.

Непочитувањето на човековите права е безбедносен ризик

Листата на примери може да се продолжува многу. Извештајот, составен согласно искуствата и наводите на борци за човекови права од различни земји, покажува поврзаности и заеднички работи. Недоволно почитување на човековите права и недостигот на правна држава претставуваат безбедносен ризик. Тие се закана не само за луѓето поединечно, туку го загрозуваат пред се‘ мирниот соживот и демократијата ширум светот.

Годишниот извештај на Амнести Интернешнл алармира - крајно време е да се инвестира пред се‘ време, повеќе сила и енергија во развојот на човековите права.


Автор на коментарот: Улрике Маст Киршнинг

Превод: Елизабета Милошевска Фиданоска

Редактор: Александра Трајковска