1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Економистите се сомневаат во Фискалниот пакт

Жанг Данхонг / Елизабета Милошевска Фиданоска28 јуни 2012

За дел од германските политичари Фискалниот пакт е успех на канцеларката Меркел во борбата против евро-кризата, а за други е пуч против Уставот. Економистите го критикуваат Фискалниот пакт.

https://p.dw.com/p/15LVj
Фотографија: picture-alliance/dpa

Главната менаџерка со европската криза Ангела Меркел вистинската причина за актуелната мизерија ја гледа во задолжувањето на дел од државите. Со Фискалниот пакт, кој пропишува поголема буџетска дисциплина, таа сака да се обиде да спречи вакви големи кризи во иднина. Кога нејзината идеја на крајот на минатата година наиде на одобрување од 25, од вкупно 27 земји на ЕУ, славјето во Германија беше големо. Пактот треба пред се‘ да им покаже на супер нервозните финансиски пазари дека Европејците можат и поинаку. Дали пораката е сфатена?

„Веродостојноста на Пактот на пазарите е рамна на нула“, изјави неодамна Улрих Катер, главен економ во Дека Банк на еден економски форум на Центарот за Европски економски истражувања (ЦЕВ) во Манхајм.

Сликата за новите правила во делот на европската соработка во фискалната сфера се разликува многу од она што политиката смета дека го постигнала, нагласува Катер.

Пактот навистина предвидува построги правила отколку критериумите во Мастришкиот договор, кој е темелот на монетарната унија. Според Фискалниот пакт, кој би требало да стапи во сила од 2013 година, ЕУ-државите годишно смеат да трупаат нови долгови од само 0,5 проценти од брутодомашниот производ. Во сите земји ќе биде воведена кочница на задолжување. Дали германската кутлура на стабилизирање стана извозен хит?

EU Geld Banknoten Symbolbild
Фотографија: AP

Фискалниот пакт ја прекина дискусијата за еврообврзниците

Воопшто не, вели Клеменс Фуест, професор на универзитетот Оксфорд и советник на германскиот министер за финансии: „Предноста на Фискалниот пакт беше краткорочна, имено да се зборува за нешто друго освен за еврообврзници“.

Од еврообврзници Германците се плашат, затоа што на тој начин би преземале гаранции за долговите на другите. Дали сето е само маневар за одвраќање на вниманието? Волфганг Франц, претседател на ЦЕВ и шеф на таканаречените економски мудреци, оценува дека Фискалниот пакт има позитивни аспекти, како на пример механизмот за санкционирање. Така, Европската комисија во иднина би требало да предлага санкции во случај на пречекорување на дефицитот, кои можат да бидат стопирани само со квалификувано мнозинство на министрите за економија и за финансии.

„На тој начин барем се зголемува веројатноста за воведување санкции“, вели тој.

Досега се постапуваше обратно, имено постапката за санкционирање мораше прво да биде одобрена од мнозинството. Со оглед на тоа што грешниците одлучуваа за грешниците, досега ниту еднаш не се воведени санкции, иако критериумите не биле испочитувани 88 пати. Германија не може да покажува со прст кон други, со оглед на тоа што е една од првите земји кои не ги испочитуваа правилата за дефицит.

Што ќе донесат построгите правила ако не се спроведени ниту полабавите?

„Фискалниот пакт не е ништо друго освен таблета за смирување за Германците, која сега германската влада ја има на располагање за да не мора уште повеќе да го отвора паричникот“, оценува претседателот на Ифо-институтот Ханс-Вернер Зин. Тој не е убеден ниту во новиот механизам за санкционирање:

Geld Euro Sparen Sparmaßnahmen Sparkurs Symbolbild
Фотографија: Fotoli/mipan

„Ни со најдобра волја не можам да си претставам дека некој би отворил постапка против Франција поради дефицит и со цел да ја казни таа земја. Тоа е замачкување очи“.

Дали Пактот е надминат уште пред да стапи во сила? Фуест вели:

„Треба само да се отворат италијанските и француските весници за да се сфати дека Фискалниот пакт во основа се доживува како непотребен и како уцена“.

Ирците на референдум рекоа „ДА“ за Фискалниот пакт, но само затоа што стравуваа дека ако одговорат негативно нема да добијат пари од трајниот фонд за спас - ЕСМ.

„Треба да се размисли колку сериозно ќе биде сфатено некое правило, кое било издејствувано преку уцена“, предупредува Фуест.