1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Еколошка бомба на устието на реката Бојана

Мустафа Цанка/ Александра Трајковска29 декември 2013

Делтата на реката Бојана е една од најубавите природни атракции на источниот брег на Јадранот. Но секоја есен на тој простор можат да се видат застрашувачки глетки.

https://p.dw.com/p/1ASLG
Фотографија: DW/M. Canka

Стотини тони смет расфралени на устието на Бојана, на прекрасниот остров Ада и на песочната „Голема плажа“ долга 12 километри, пружаат апокалиптична слика. Тука има сѐ: од пластика, преку шпорети и кревети до автомобилски шасии.

Тој отпад веќе не стигнува само преку реката Бојана од Албанија и Црна Гора, туку и од Косово и од Македонија со реката Дрим, чиј еден крак се влева во Бојана. Проблемот стана меѓународен, а минатите години се случуваше, поради движењето на морските струи, сметот од тој простор да стигне до јужна Далмација, односно до полуостровот Пељешeц и островот Мљет.

Загрозени луѓето, туризмот, птиците...

Новинарот Милјан Кнежевиќ за Дојче веле истакнува дека состојбата се влошува од година во година. „Она што посебно загрижува се големи количини медицински отпад, така што на плажите можете да најдете остатоци од раствори инфузија, искористени шприцеви, таблети... Сето тоа завршува на бреговите на плажите во Улцињ, и тоа последните години станува сѐ поголем и поголем проблем,“ тврди Кнежевиќ и дополнува дека поради загадувањето во реката Бојана има сѐ помалку риби. Проценките говорат дека во таа река има околу 50.000 тони цврст отпад!

Таквата состојба посебно ги загрижува екологистите и туристичките работници, бидејќи многу негативно влијае на растителниот и животинскиот свет во делтата. Поширокото подрачје на реката Бојана воедно е најзначајното место за презимување, гнездење и исхрана на птиците на целиот источен брег на Јадранот.

Kroatien Halbinsel Peljesac
Отпадот од Црна Гора стигнува и до брегот на ПелјешецФотографија: picture-alliance/dpa

Иако наведуваат дека на тој проблем му посветуваат значајно внимание, официјални Подгорица и Тирана тврдат дека немаат пари и ресурси да го решат проблемот. „Мораме сите заедно да седнеме и да размислиме како да се реши тоа прашање, бидејќи такви проекти чинат пари. Ќе сториме сѐ за да воспоставиме соработка која ќе пружи подобри решенија од оние кои во моментов можеме да ги пружиме“, рече за време на неодамнешната посета на Црна Гора албанскиот премиер Еди Рама.

Еколошкиот часовник отчукува

Напоменувајќи дека е потребен заеднички напор на сите државни структури на Црна Гора и Албанија, локалните заедници на пограничниот појас, цивилниот сектор и медиумите, шефот на еколошката организација „Зелен чекор“ Џелал Хоџиќ за ДВ вели дека сметот во Бојана и на плажите во Улцињ претставува еколошка бомба која сѐ побрзо отчукува. „Ако се продолжи вака, нашите потомци ќе се задушат во смет. Тоа е, сега знаеме, сировина, а ние не сме така богати да фрламе сировини. Бидејќи екологијата не е трошок, таа е инвестиција во иднината. Посебно тоа мораме да го правиме ние во Црна Гора, бидејќи се декларираме како еколошка држава. И постоечките закони се релативно добри, но тие не се применуваат“, заклучува Хоџиќ.

Montenegro Strand in Montenegro
Познатат„Голема плажа“ во УлцињФотографија: DW/M. Canka

Во секој случај, решение за овој проблем кој расте нема ни на повидок, а жителите на Улцињ во страв ги дочекуваат новите дождови и новите купишта смет.