1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Една година по масакрот на Утоја - бавно враќање кон нормала

Тим Крон / Елизабета Милошевска Фиданоска22 јули 2012

Норвежаните денеска (22.07) се сеќаваат на жртвите во масакрот што се случи пред една година. По масовното убиство, премиерот Столтенберг рече: „Норвешка останува отворена и либерална“. Што од тоа остана 12 месеци потоа?

https://p.dw.com/p/15cyB
Фотографија: dapd

Норвешка остана отворена и либерална земја. И тоа е земја која полека се враќа кон нормалното општествено и политичко пулсирање. Парламентот деновиве дискутира за заострување на анти-терористичките закони. Сепак, во Норвешка многу работи се‘ уште се одвиваат поинаку, вели германската новинарка Ребека Борш, која во Осло живее и работи веќе девет години. „Општеството функционира исто и натаму, луѓето не дозволуваат отвореноста да биде уништена. Политичарите и натаму се движат сосема норално во јавноста, нема засилена лична заштита.“

Богатата земја на фјордовите е горда на тоа. Довербата во општеството, според студија на политокологот од Осло Отар Хелевик, дури станала и поголема по нападите. За Хелевик е јасно - демократијата зајакнала.

Anders Behring Breivik Oslo Prozess Norwegen
Пресудата против масовниот убиец Андерс Брејвик се очекува на крајот на августФотографија: Reuters

Ребека Борш не е толку сигурна во тоа: „Деновите по 22 јули 2011 година ми оставија голем впечаток. Но општеството не стана поотворено и потолерантно, ниту непријателството кон странци е помало. Општеството сега тендира повторно кон нормала.“

Политичката состојба на ниво „нормална нула“ е потврдена и преку актуелните истражувања на јавното мислење во Норвешка. Деснопопулистичката Партија на напредокот одамна се опорави од последиците на 22 јули 2011-та. Партијата повторно е таму кадешто беше и прeд нападите - на речиси 23 проценти. Во Осло се‘ оди по нормален тек. Така и мора - една година потоа.

Владиниот кварт е отворена рана

На оној што од железничката станица ќе тргне во насока на катедралата, значи онаму каде минатото лето имаше стотици илјади букети цвеќе, прво ќе му паднат в очи многуте питачи. Не е чудо што се таму, Осло е, како и порано, еден од најбогатите градови во светот. Питачите меѓутоа во меѓувреме предизвикуваат лутина во градот. Политичките судири станаа пожестоки. Веднаш зад црквата почнува владиниот кварт, или подобро речено - она што од тоа остана по нападите. Може да се видат пластични прекривки и дрвени огради, се‘ уште! Владиниот кварт и една година по нападот делува како отворена рана. Речиси секоја зграда е заградена со шперплочи, канцелариите се празни. Она што го предизвикаа делата на Берјвик, овде веднаш паѓа в очи.

Flash-Galerie Bildergalerie Das bewegte die Welt im Jahr 2011 Jahresrückblick international 2011
Фотографија: AP

Компасот повторно функционира

„На норвешкиот народ на 22 јули му беше минирана картата на земјата, компасот беше распарчен во илјадници делови“, рече премиерот Столтенберг на церемонијата во знак на сеќавање на жртвите пред една година. „Секој од нас мораше да го најде својот пат за излез од стравот, од шокот и очајот. Тоа можеше и да не успее, можевме и да залутаме на тој пат, но норвешкиот народ успеа. Успеа да излезе од темнината и неизвесноста, го најдовме патот до дома, до Норвешка.“

Trauerfeier Ütoya Überlebende des Massakers
Јенс Столтенберг: Го најдовме патотФотографија: dapd

Компасот за кој зборуваше Столтенберг во меѓувреме е залепен, земјата функционира повторно. Зашто околу едно Норвежаните се единствени - до денес во Осло никој не зборува за одмазда и не бара „цврста рака“. Напротив, погледите на луѓето, како што тоа го опиша една доселеничка од Пакистан, во изминатата година станаа поотворени. Но веднаш потоа таа додава: полека се‘ станува како што беше порано - сосема нормално.