1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Еднакви шанси за младите со доселенички корени

Сабине Рипергер / Жана Ацеска31 август 2012

Младите со странско потекло во Германија се видно запоставени при работното квалификување преку образованието низ работа. Проектот „Асистирано образование низ работа“ сака тоа да го промени.

https://p.dw.com/p/161Ni
Фотографија: Kooperationsverbund Jugendsozialarbeit/Matthias Steffen

Развојот на пазарот за образование низ работа, кој го карактеризира намалување на бројот на млади примени на обука во фирмите и зголемување на бројот на оние кои ја прекинуват обуката пред да добијат диплома, бара дополнителни иницијативи заради посилна интеграција и поголемо учество на оние кои досега безуспешно конкурирале. Но, за околу една четвртина од младите во Берлин кои бараат место за образование низ работа во некое претпријатие, пристапот е исклучително тежок. Од овие причини Сојузот за кооперација и социјална работа со младите се залага против дискриминација, а за обезбедување доволно места за образование низ работа, барајќи ефикасно спротивставување на запоставувањето на мпадите.

Преку тест-модел на Сојузниот институт за работна квалификација под насловот „Асистирано образование низ работа“, се врши поддршка на малите и средни претпријатија во образованието низ работа. Низ земјата постојат веќе 17 вакви тест-модели.

Ausbildung junger Menschen mit Migrationshintergrund
Фотографија: Kooperationsverbund Jugendsozialarbeit/Matthias Steffen

Раководителот на проектот Сабине Штајнерт зборува за прагматичен пристап:

„Сакаме да внесеме повеќе млади директно во ова дуално образование, зашто токму тука постои проблем. Постои голем број на оние кои конкурират, но доаѓаат само до преодниот систем, во училиштата, а не директно во фирмите, кои пак безуспешно бараат млади за обука“.

Разградување на предрасудите

Младите се подготвуваат сосем конкретно за професиите кои ги сакаат и за кои постојат слободни места за образование низ работа во фирмите, истакнува Штајнерт. Воспоставен е контакт со овие фирми и се знаат нивните претстави за профилот на младите кои им се потребни.

„Ние посредуваме меѓу нив, кога нивните претстави се разликуваат, се обидуваме да ги разградиме предрасудите и да дојде до склучување договор за образование низ работа меѓу некој млад човек и одредена фирма“.

Младите и натаму можат да се обратат за совет и помош во врска со текот на својата работа обука.

Во проектот „Асистирано образование низ работа“ во Берлин, во квартот Вединг сега се вклучени 15 млади во различни професии, од трговија на големо до молери. Младите се на возраст меѓу 17 и 25 години, некои од нив веќе една или две години не се веќе во училиште и во меѓувреме завршиле различни курсеви за дообука, но без конкретен резулат.

„Да го избегнеме ова тапкање во место е всушност нашата основна цел-да ги одведеме младите директно во претпријатијата. За тоа е потребно навистина многу посредување и убедување кај двете страни“, вели раководителот на проектот Штајнерт.

Да се запне од почеток

18-годишниот Бахер, кој учествува во проектот веќе четири месеци, сака да се квалификува за молер. На младиот човек посебно му се допаѓа што има јасни задачи кои треба да ги заврши, математика, германски, англиски, значи повторно се учи.

Ausbildung junger Menschen mit Migrationshintergrund
Фотографија: picture-alliance/dpa

Според него, тоа е правилно, со оглед на двегодишната пауза по училиштето. Бахер сака успешно да заврши со образованието низ работа и потоа да биде примен на работа во некоја фирма.

Тој има добри предуслови да ја постигне целта, вели Штајнерт:

„Кога ќе се воспостави контакт и практиката заврши успешно, како кај Бахер, кој покажува желба и дисциплина, доаѓа дури и предвреме, комуницира нормално, тогаш тоа е веќе успешен социјален контакт во неговата обука кај фирмата“.

Кај 18-годишната Феда, која има арапски корени, досега не оди се‘ така мазно, но неа не ја напушта оптимизмот. Во 2011- та година таа завршила 10-ти клас:

„Од лани уште се обидувам да добијам место за образование низ работа како негувателка на болни, конкурирав насекаде. Искрено речено, мислев дека имам добри шанси поради добрите оценки“.

Бидејќи никаде не била примена, конечно Агенцијата за труд ја пратила во проектот „Асистирано образование низ работа“. Преку него Феда сега сака да се обиде во друга сфера, имено, како асистент за социјална работа. Се надева дека конкурирањето овојпат ќе биде успешно, а по двегодишното образование низ работа за асистент за социјална работа, сака да продолжи со ново - да стане воспитувачка во детска градинка.