1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Единаесет години Охридски рамковен договор

ЖА/миа13 август 2012

Пред 11 години на 13. август во Скопје беше потпишан Рамковниот договор кој стави крај на воениот конфликт во Македонија и постави рамка за меѓуетнички соживот и евроатлантска перспектива.

https://p.dw.com/p/15oYS
Фотографија: Petr Stojanovski

Охридскиот рамковен договор, како што уште е познат во јавноста, се‘ уште ја ужива поддршката на политичките партии, како и на меѓународната заедница, иако припадниците на различните етнички заедници различно го доживуваат. Пројавите за негово менување во изминатите години не беа прифатени.

На 13. август 2011. година во тогашната претседателска резиденција на Водно Рамковниот договор го потпишаа претседателот на Република Македонија, Борис Трајковски, поранешниот претседател на ВМРО-ДПМНЕ и премиер Љупчо Георгиевски, претседателот на ПДП, Имер Имери, претседателот на СДСМ, Бранко Црвенковски и претседателот на ДПА, Арбен Џафери. Потписници на договорот, во својство на гаранти, се и специјалните претставници на ЕУ и САД, Франсоа Леотар и Џејмс Пердју, кои учествуваа во преговорите.

James W. Pardew
Џејмс Пердју, еден од потписниците на ДоговоротФотографија: DW

Преговорите за Охридскиот рамковен договор се одвиваа во Вилата „Билјана“ во Охрид во јули и во август 2001 година, и во нив покрај потписниците учествуваа и Хавиер Солана, тогашен висок претставник на ЕУ за безбедносна и надворешна политика и Питер Фејт, уште еден претставник на САД, како и повеќе експерти меѓу кои професорите на Правниот факултет во Скопје Владо Поповски и Љубомир Фрчковски.

По повод одбележувањето на годишнината од потпишувањето на Рамковниот договор вечер во Музејот на современа уметност вицепремиерот задолжен за спроведување на договорот Муса Џафери организира прием на кој се поканети државниот врв, претставници на политичките партии, дипломатскиот кор и јавниот и општествениот живот.