1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Еден милион луѓе избегале од сирискиот воен виор

БГ/миа6 март 2013

Обединетите нации соопштија дека бројот на граѓани кои ја напуштиле Сирија поради граѓанската војна надминал еден милион луѓе. Уште неколку милиони луѓе се водат како внатрешно раселени.

https://p.dw.com/p/17rD1
Фотографија: Reuters

Еден милион луѓе ја напуштиле Сирија од почетокот на граѓанската војна, изјави денеска високиот комесар на ОН за бегалци Антонио Гутереш.

„Најмалку еден милион луѓе се бегалци, милиони други се внатрешно раселени, а илјадници луѓе продолжуваат да ги минуваат границите секој ден. Сирија се движи кон целосна катастрофа, изјави Гутереш. Според податоците на ОН, околу половина од бегалците се деца, поголемиот дел на возраст под 11 години. Гутереш нагласи дека соседните земји прават се‘ за справување со зголемениот број на сириски бегалци кои пристигнуваат на нивните граници и имаат потреба од значителна меѓународна помош. Бројката од еден милион бегалци е достигната побрзо од очекуваното. Во декември ОН прогнозираа дека бегалците од Сирија нема да надминат 1,1 милион пред крајот на јуни. Според податоците на ОН Сирија во 2010 година броела 20,4 милиони жители.

Агенцијата на ОН за бегалци објави дека од почетокот на годината бројот на луѓе, бегалци од Сирија, е значително зголемен. Над 400.000 Сиријци ја напуштиле земјата од јануари годинава, што е речиси половина од целиот бран бегалци предизвикан од двегодишните борби против режимот на сирискиот претседател Башар ал Асад. Поголем дел од бегалците заминуваат за Либан, Јордан, Турција, Ирак и Египет, а некои и за Северна Африка и Европа. Според ОН, бројот на жители во Либан е зголемен за 10 проценти како резултат на бегалскиот бран од Сирија.