Еден ден по изборите
7 мај 2007Секој од французите денес го чита својот весник, знаејќи дека во него ќе ја најде радоста за победата или утехата за поразот.
Никола Саркози иако убедливо ја порази Сеголен Роајал, сепак изутринава Франција е поделена на два дела. Мнозинскиот, кој верува во визијата на Саркози и малцинскиот кој стравува и смета дека таа визија е опасна.
Поделбата беше видлива посебно синоќа. Додека на плоштадот Конкорд во Париз, славеа околу 30 000 симпатизери на Саркози. На соседниот плоштад на Бастиља се слушаа експлозии на солзавец. На Бастиља исто како и во центрите на повеќе градови, како Тулуз, Лил, Лион, Нант, или Рен, противниците на Саркози се судрија со полицијата. Во инцидентите беа изгорени 367 автомобили, и 270 лица беа уапсени.
Никола Саркози е осуден на успех. Тој треба да ја реализира својата програма, читаме во регионалниот весник Уест Франс.
Така размислуваат и многу други денешни весници во Франција. За Л’Ест Републикан дури сега започнуваат тешкотиите на Саркози. Тој треба да ја преизмисли политиката, да ја состави својата нова влада која мора да биде поширока од партиските бои на УМП. И да ја погледне Франција во огледалото на економската, социјалната и културната реалност.
Накратко, новоизбраниот претседател треба да ги слушне тие што го избраа, но и другите кои не му веруваат.