1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Египќаните на Балканот не се мит, туку стварност

2 ноември 2010

На Балканот живеат еден милион Египќани, тврдат претставници на нивниот Сојуз. Ги поистоветуваат со Ромите и уште се борат со стереотипите и дискриминацијата. Египќаните се чесни и мирољубиви луѓе.

https://p.dw.com/p/O8qu
ОхридФотографија: Petr Stojanovski

Рубин Земон е етнолог. Неговиот татко Назми Арифи, стрико му Усни Земоски, за жал покојни, пред две децении во Охрид го формираа Здружението на Египќани во Македонија. „Секој почеток е тежок. Не гледаа со потсмев и не веруваа дека ќе го изодиме својот пат“, вели Рубин Земон, претседател на Сојузот на Балканските Египќани: „Барем во науката се расчисти прашањето за етногенезата и доаѓањето на Египќаните на Балканот. Собравме богат фонд од историски, археолошки, етнолошки податоци, дека не се работи за група која паднала од некаде, туку сме етничка заедница, која постоела уште од античко време на овој Балкански простор.“

Да се влезе во преамбулата на Уставот на Република Македонија

Пред распадот на поранешна Југославија, пишуваа петиции, за да бидат признати како посебна етничка заедница, а подоцна ја почнаа борбата да ги има во Уставот. „Преамбулата на Уставот во Македонија во практиката е многу поважна од амандманскиот дел, односно нормата дека за сите заедници треба да има соодветна и правична застапеност. Тоа се практикува за тие што се запишани во преамбулата, и покрај што таму продолжува, и другите. Тие другите се исклучени. Македонија е мултикултурна земја, но не знам од кои причини, можеби политичките структури го наметнаа така. За жал Македонија се претвора се’ повеќе во бикултура, биетницизам,“ потенцира Земон.

Влез во преамбулата е зацртан и со Рамковниот договор со кој се наложува целосна еднаквост на граѓаните. Нивниот препознатлив код до скоро беше ковачкиот занает, но тој изумира. Д-р Земон потсетува дека се’ уште се борат против дискриминацијата и стереотипите. Македонија наместо да напредува, тапка во место, смета Земон. Демократските промени ги разбудија од сон Египќаните во регионот: „Египќаните се споменуваат во новиот косовски Устав. Имаат едно резервирано место во косовскиот парламент. Србија одвојува средства за египќанската заедница, слично е и во Црна Гора. Од ноември минатата година има стратегија за социјална инклузија на Египќаните во Албанија.“

Еден милион Египќани на Балканот

И додека во Македонија не има околу 25.000, во останатите земји нема механизам за статистички да се преброиме, додава Земон: „Жално е што во Грција ги нема стандардите што ги има во Македонија, Србија, Хрватска, Косово. Во Грција не е можно да се зборува за диверзитетно етничко општество. По некои истражувања на патеписци од 18 и 19 век, можеме да кажеме дека во Грција живеат половина милион Египќани. Догодина во Албанија, конечно ќе има попис каде ќе биде дозоволено етничко изразување на граѓаните. Според УНДП станува збор за над 300.000 Египќани во Албанија. Во Косово се зборува за околу 100.000 Египќани. Се претпоставува дека на Балканот живеат околу еден милион Египќани. Сепак мислам дека само со бројки не се заштитуваат правата и муликултурализмот“, додава Земон.


Египќаните трпеливо ги освојуваат своите права. За најголема навреда повеќето од нив ја сметаат кога некој ќе им каже дека се Роми. Тие се уверени дека приближувањето на регионот кон Европа ќе им донесе поубав живот и остварување на колективните демократски права. Најважно е што за нив веќе се зборува и се знае во сите европски институции. Нивната борба не ја темелат врз митови, туку врз научни факти.

Автор: Милчо Јованоски

Редактор: Александра Трајковска