1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Египет: Двете страни тврдат дека првата рунда е во нивна полза

ЕМФ/ард16 декември 2012

По првата рунда гласање на референдумот за уставот во Египет, почна пребројувањето на гласовите. И Муслиманското братство и опозицијата тврдат дека мнозинството граѓани гласале во нивна полза.

https://p.dw.com/p/173My
Фотографија: dapd

Муслиманското братство, врз основа на многу некомплетни и неофицијални бројки, тврди дека околу 70 проценти од избирачите се изјасниле во полза на текстот на Уставот. Опозицијата, пак, се спротивставува на ова тврдење и нагласува дека според првичните резултати од првиот круг гласање, 66% од гласачите го отфрлиле предложениот текст. Освен тоа, опозицијата го обвинува Муслиманското братство дека манипулирало со гласањето. Опозициониот сојуз Фронт за национален спас тврди дека имало кутии за гласање кои не биле запечатени и дека се вршел притисок врз избирачите.

„Обемот на манипулациите покажува дека Муслиманското братство сака да ја фалсификува волјата на гласачите за да обезбеди поддршка за Уставот“, соопшти Фронтот за национален спас, во кој се поврзани најважните либерални и секуларни опозициони партии во Египет.

Опозицијата тврди дека Муслиманското братство во дел од изборните места на гласачите им делело шеќер, нафта и чај.

Polizei und Militär vor Wahllokal in Kairo
Во текот на гласањето имаше и тепачки во кои се повредени 19 лицаФотографија: DW/M Sailer

Избирачките места вчера беа отворени во десет провинции, меѓу кои и во Каиро и Александрија. Гласањето требаше да заврши до 19 часот, но поради големите турканици на избирачките места беше донесена одлука гласањето да се продолжи за уште два часа. Египетските медиуми јавуваат дека, во текот на гласањето ширум земјата, во тепачки се повредени 19 луѓе.

На гласање за Уставот се повикани 51,3 милиони граѓани на Египет. Во останатите 17 провинции во земјата ќе се гласа наредната сабота (22.12).