1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Египетските исламисти повикаа на протести

АТ/ дпа/ ртр/афп/ ард5 јули 2013

По падот на претседателот Мохамед Мурси војската се обидува да ја смири ситуацијата во земјата. Исламистите за денеска (05.07) повикаа на нови протести на улиците на египетските градови.

https://p.dw.com/p/192VQ
Фотографија: Reuters

„Воениот пуч“ не смее да се прифати. Против соборувањето на претседателот Мохамед Мурси денеска (05.07.) мора да има протести, се вели во соопштението на Муслиманското братство и сојузничките партии пренесено преку арапските медиуми. Сојузот под раководство на Муслиманското братство ги повика Египќаните на масовно учество на овој „Петок на одбивањето“ и на мирни демонстрации против воениот пуч. (На насловната фотографија - протести на Муслиманското братство)

Силите за безбедност политички неутрални

Египетската војска нагласи дека ќе биде воздржана при протестите. Имено, по соборувањето на првиот слободоно избран претседател Мохамед Мурси и апсењето на водечки фунцкионери на Муслиманското братство армијата соопшти дека нема да примени своеволни мерки против политичките групи. Портпаролот на војската Ахмед Мохамед Али, имено, увери дека египетските сили за безбедност се политички неутреални. Нема да има невообичаени или своеволни мерки против која и да е политичка група, соопшти тој на својата официјална страница на Фејсбук. Али нагласи дека силите за безбедност и безбедносните власти сакаат да бидат сигурни оти ќе дојде до „национално помирување, конструктива праведност и толеранција“.

Правото на демонстрации е загарантирано, се' додека не е загрозена националната безбедност. Во едно соопштение на раководството на војската, кое беше објавено во текот на ноќта, се предупредува од злоупотреба на ова право. Под тоа, според соопштението, спаѓаат „екцеси преку непотребно користење на правото и можно непожелно однесување во однос на уличните блокади, блокада на јавните институции или уништување на имот“.

Anti-Mursi Proteste in Alexandria am 3. Juli 2013
Протести против Мурси во ЕгипетФотографија: picture alliance/AA

Протестите делумно насилни

По промената на власта во средата во судирите во Египет најмалку 16 лица го загубија животот, а стотици се повредени. Вчеравечер, во родниот град на Мурси, североисточно од Каиро, биле повредени 80 луѓе. Според информации на државната новинска агенција Мена, единаесет лица биле уапсени. Демонстрантите се бореле со камења и ножеви, а силите за безбедност употребиле солзавец.

На полуостровот Синаи пак исламистите нападаа пунктови на полицијата и на војската. Од безбедносно-политичките кругови се вели дека екстремистите во Рафа, на границата кон Појасот Газа ракетирале полициски пункт. При нападот бил убиен еден полицаец, а двајца се повредени. Исто така биле нападнати и контролните пунктови на армијата во близина на аеродромот Ал Ариш. Нема информации дали постои повразаност меѓу овие два напада и дали се реакција на соборувањето на египетскиот претседател Мохамед Мурси.

Вчера новиот преоден претседател Адли Мансур поднесе заклетва, само неколку часа откако му беа укинати ингеренциите на Мурси. Досегашниот претседател на Врховниот уставен суд треба да ја раководи земјата која се наоѓа во тешка економска состојба до одржувањето на нови избори. Во првото соопштение Мансур се изјасни за тоа дека и Муслиманското братство, од кое потекнува и Мурси, ќе треба да учествува во идната влада. Религиозните сили меѓутоа соопштија дека тоа категорично го одбиваат.

Ägypten Mursi Nachfolger Adli Mansour
Преодниот претседател Адли МансурФотографија: AFP/Getty Images

Светските лидери реагираа со загриженост

Развојот во најгусто населенета арапска земја во светот предизивика загриженост од ново крвопролевање и опасност од граѓанска војна. Германската канцеларка Ангела Меркел ги повика сите страни, во прва линија да не употребуваат насилство. Канцеларката истовремено нагласи дека брзо мора да биде повторно воспоставен демократскиот и правниот поредок во земјата.

Министерот за надворешни работи на Германија Гидо Вестервеле соборувањето на Мурси го оцени како тежок удар за демократијата во Египет. Британскиот министер за надворешни работи Вилијам Хејг го критикуваше соборувањето на Мурси, но на новото раководство во Каиро му вети соработка. Исламско-конзервативната влада во Турција оцени дека случувањата во Египет предизвикуваат голема загриженост.

Американскито претседател Барак Обама во првата реакција го одбегна зборот „пуч“, но истакна дека издал налог за проверка на воената помош за Египет. Египетскиот министер за надворешни работи Мохамед Камел Амр го уверуваше неговиот американски колега Џон Кери дека војската не ја презела власта со пуч. Оценката на случувањата во Каиро е важна, бидејќи воен бунт за обезвластување на слобондно избран претседател по правило предизвикува економски санкции. Неспорно меѓутоа е дека земјата на Нил има потреба од американската финансиска помош. „Америка е стратешки партнер на Египет и добросостојбата на Египет е важна за САД“, рече Амр, кој ќе ја претставува земјата како министер за надворешни работи се' до изборот на технократска влада.