1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Египетската полиција ќе ги расчистува камповите на исламистите

АТ/ дпа/ ртр/ афп12 август 2013

Египетската полиција има намера да започне со расчистување на протестниот камп на Муслиманското братство во Каиро. При акцијата треба да се избегне крвопролевање.

https://p.dw.com/p/19NoG
Фотографија: picture-alliance/AP Photo

Во двата протестни кампови во египетскиот главен град со недели протестираат илјадници приврзаници на соборениот исламистички претседател Мохамед Мурси. Демонстрантите бараат тој да се врати на функцијата. Носител на протестната акција е Муслиманското братство, од чии редови потекнува Мурси.

По советувањата со советниците за безбедност во Министерството за внатрешни работи, еден службеник соопшти дека за да се избегне крвава конфронтација полицијата ќе презема постепени мерки. Властите планираат прво да го блокираат пристапот до двата протестни кампови, да не допуштат да се внесува храна и да употребат водени топови.

Голем број дипломати од западните и арапските држави изминатите недели ја предупредуваа преодната влада од насилни акции против исламистичките демонстранти. Преодниот претседател Адли Мансур минатата среда ги прогласи за пропаднати ваквите дипломатски напори. Набљудувачите стравуваат од ескалација на насилството, со оглед на тоа што Муслиманското братство досега не покажа кооперативност. Досега околу 300 луѓе го загубија животот на протестите против соборувањето на Мурси. Дипломатите проценуваат дека состојбата би можела да се смири доколку се најде соодветно решение за претседателот Мурси, бидат ослободени политичките затвореници и Муслиманските браќа и во иднина имаат политичка улога.

Вчеравечер приврзаници на Мурси повторно се собраа на демонстрации во источниот дел од Каиро. Конвој од автомобили со фотографии од Мурси минуваше низ улиците. Во центарот на главниот град стотици жени учествуваа во Маршот на жените за симнатиот претседател. Тие извикуваа „Сиси е предавник, Сиси е убиец“. Вкупно во цело Каиро имало десет протестни маршеви.