1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Егзекуции во 23 земји во светот!

28 март 2011

Се’ помал е бројот на државите во светот каде се применува смртната казна. Но, место за задоволство нема. Според црната статистика на Амнести Интернешенл лани во 23 земји (без Кина) биле егзекутирани 527 лица.

https://p.dw.com/p/RDI1
Фотографија: AP

Според црната статистика најмногу егзекуции лани имало во Кина, чиј вистински број има третман на строго доверлива информација. Според експерите, меѓутоа, бројот на тамошните егзекуции е поголем од вкупниот број извршен во сите делови од светот

Со официјално спроведените 527 егзекуции во 23 земји, минатата е - година во која продолжува надолниот тренд во извршувањето на смртната казна во светот. Но, како што вели Оливер Хендрих од германската секција на Амнести Интеренешенл – загрижуваат неофицијалните бројки кои и во овој милениум го доведуваат во прашање основното право на човекот – на живеење.

2011_03_25_Infogr_Hinrichtungen_2010_Amnesty_international.jpg
2011_03_25_Infogr_Hinrichtungen_2010_Amnesty_international.jpg

„Има група држави кои влијаат негативно зашто со години кај нив има голем број егзекуции. Тоа се Кина, Иран, Саудиска Арабија, но и САД. Кога во оваа мала група би дошло до укинување на смртната казна, тогаш проблемот глобално гледано би бил многу помал", објаснува Хендрих дополнувајќи дека САД заедно со Јапонија се единствените држави од групата Г8 кои како и порано ја применуваат смртната казна што покажува дека станува збор за глобален проблем., ист како и во земјите од Азискиот регион. Затоа Амнести Интернешенал генерално инсистира за укинување на смртната казна - било да е тоа САД, Азија или било кој дел од светот.

Стрелања и во Европа!

Инаку, Белорусија е единствената држава од Европа каде лани имало две егзекутирања. Сепак, најкритично е во Кина. Проценка е дека смртната казна лани била применета врз над 1.000 осудени лица. Најстрогата казна во Кина се изрекува за песедесеттина различни кривични дела и интенција на Амнести е ваквиот број да се намали. Покрај политичкиот аспект и дејствувања кои се оценети како закани за државниот систем и тероризмот, најстрогата казна во светот се изрекува и за корупција, дрога, а во некои држави од арапскиот свет дури и за хомосексуалност.

Лани, Амнести ги документирала и методите на егзекуција кои се различни, но врзани за традицијата на земјата. Така смртната казна може да биде со обезглавување со меч и бесење, преку електрична столица и отровна инјекција, до стрелање.

„Може да се каже дека смртната казна надпропорционално често се изрекува за луѓе кои се сиромашни, кои припаѓаат на етничко малцинство во државата, кои имаат ниско образование. Ова се фактори кои придонесуваат во кривичната постапка да има тешка или смртна пресуда.”, накусо го скицира профилот на егзекутираните Оливер Хендрих.

Инаку, во кривичното право на 96 земји во светот, меѓу кои е и Македонија не постои смртната казна за ниту еден криминален деликт.

Автор: Силвера Падори-Кленке

Редактор: Симе Недевски