Егзекутиран тетинот на севернокорејскиот лидер Ким Jонг Ун
13 декември 2013Јонг Сонг-таек, до неодамна втор човек во политичкиот врв во Северна Кореја и тетин на севернокорејскиот лидер Ким Jонг Ун, претходно беше прикажуван како „добриот тетин“ кој му помага на Ким да ја консолидира политичката позиција, но во официјалното соопштение на севернокорејската државна агенција за егзекуцијата тој е опишан како човек кој смртта на претходниот лидер Ким Jонг Ил, кој почина во декември 2011 година, ја гледал како шанса за да го предизвика својот внук и да ја презема власта во земјата.
Во соопштението се вели дека тој бил изведен пред суд и потоа егзекутиран, откако бил обвинет дека планирал да ја „уништи државата, користејќи сплетки и заговори, како и подли и валкани методи, воден од дивите амбиции за приграбување на власта во партијата и во државата“.
Невообичаено деталното соопштение на властите во Пјонгјанг за случајот, доаѓа само неколку дена по службеното соопштение од Северна Кореја дека доскорешниот висок функционер и близок роднина на Ким Jонг Ун е сменет и разрешен од сите функции што дотогаш ги имаше. И покрај острите зборови во тоа соопштение објавено во понеделникот, во него немаше никаква најава дека Јанг Сонг Таек ќе биде егзекутиран. Откако ја презеде лидерската функција, по смртта на неговиот татко Ким Јонг Ил пред две години, актуелниот севернокорејски лидер изврши неколку политички чистки, но ниту една од нив не беше толку јавно презентирана, ниту пак со неа беа опфатени лица блиски до самиот врв на земјата или негови блиски роднини, како што е тоа елиминацијата на Јанг Сонг Таек.
За странските набљудувачи кои од Јужна Кореја ги следат настаните на Северот, тој важеше за политичар наклонет кон реформи. Во приватниот живот Јанг Сонг Таек беше сопруг на сестрата на поранешниот лидер Ким Јонг Ил.