Еврото може да опстане само со строги правила
24 јануари 2013Јапонскиот економист Кеничи Охмае уште во 2009 година пишуваше за европската валута, тврдејќи дека еврото за својата вредност треба да и’ заблагодари на строгата фискална дисциплина. Тогаш немаше фондови за спас на еврото, но затоа постоеше Пакт за стабилност и стопански раст, односно правила кои го ограничуваа задолжувањето на земјите од еврозоната.
Она што тој јапонски експерт го предвиде беше дека државите членки на монетарната унија воопшто не се придржувале до договорените правила.
Германија и Франција - први „грешници“
„Заедно со Белгија, Грција и Италија, во Унијата се примени земји чии долгови надминуваа 60 проценти“, пишува Николаус Хајнен, аналитичар на Дојче Банка во својата најнова книга „Мисија на доверба“. Пактот дефинитивно пропадна во 2003. година кога Германија и Франција избегнаа плаќање казни за непочитување на правилата во висината на буџетскиот дефицит. Договореното беше прекршено најмалку стопати, а не беше изречена ниту една казна.
Според наведеното, пропадна секој обид правилата за државите членки на еврозоната да станат обврзувачки. Причината за тоа, најверојатно, се различните традиции и култури на европските земји.
„Тоа доведе до тоа да релативно северноевропските дефинирани правила, воглавно да бидат почитувани во тој дел на Европа, додека на југот на континентот повеќе ги доживуваа како препораки“, вели Хајнен.
Секој со свои правила
Со други зборови, Германците главно се држат до своите принципи, а Французите почесто носат одлуки од случај до случај. Оној момент кога должничката криза од Грција се одрази на целата еврозона, ставот на Париз се смени. Во мај 2010. година државите-членки на еврозоната почнаа да расправаат за условите за спас на презадолжените земји, а притоа не сторија ништо друго освен што одобрија големи суми финансиска помош на една, а потоа и на други земји.
Придржувањето до јасно дефинирани правила е од суштинско значење за опстанокот на една монетарна унија, вели Вим Кестерс, шеф на Институтот за стопански истражувања во Северна Рајна Вестфалија.
„Без ефективна примена на тие правила, монетарната унија се доведува во прашање. Тоа би можело да доведе до уништување на еврото“. Споед Кестерс, државите членки имаат уште една шанса да ја исправат грешката доколку се придржуваат до правилата кои произлегуваат од новоформираните фондови за спас на еврото.
Рециклирање на стари правила
Аналитичарот на Дојче Банка, Хајнен смета дека непридржувањето до правилата не е единствениот проблем. Според него, ниту самите лидери на земјите членки на еврозоната не успеале многу креативно да одговорат на предизвиците на финансиската криза. Тој смета дека политичарите загубиле премногу време обидувајќи се да ги реформираат старите правила, кои не функционираат.
За добра основа тој го смета необврзувачкиот Пакт европлус од почетокот на 2011. година. Тоа е добар водич во намалувањето на долговите и структурните реформи во самата монетарна унија.
„Тие правила досега беа игнорирани бидејќи наводно биле засновани на ригидни цели. Меѓутоа, се работи за правила кои дефинираат објективни цели, а не правила со кои би се регулирал самиот процес“, вели Хајнен.
Јасно е дека доколку Европа сака да остане во игра и да биде конкурентна, потребни и се јасно дефинирани правила, вели аналитичарот на Дојче Банка. Но, новата улога на Европската централна банка сето тоа би можела да го загрози.
„Постојат ризици дека државите членки на еврозоната ќе попуштат во спроведувањето на реформите и мерките за штедење, бидејќи знаат дека Европската централна банка е секогаш тука да помогне, доколку затреба“, вели Хајнен.