1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Европскиот комитет со нов извештај за спречување на тортурата

Тони Гламчевски15 ноември 2006

Советот на Европа денес го објавува извештајот за Република Македонија на Европскиот Комитет за спречувањае на тортурата, нечовечкото или понижувачко постапување и казнување. Со извештајот е опфатен периодот до 2004 година.

https://p.dw.com/p/Ac1i
Советот на Европа
Советот на Европа

Во извештајот е опфатено прашањето со неказнување, односно непрогонувањето и неспроведувањето на судски истраги во констатирани случаи на лош третман на лица од страна на припадниците на силите на редот.

„Многу е важно што извештајот е објавен, бидејќи тоа е информација за сите лица кои работат во полицијата и затворите, за да ги имаат во предвид констатираните проблеми“, нагласува за Радио Дојче Веле Мауро Палма, вице-претседателот на Комитетот за спречување на тортурата, кој ја предводеше делегацијата при посетата на Македонија.

„Во споредба со претходната посета, случаите за лошо постапување беа помалубројни и амплитудата на проблемот се намали. Но кога станува збор за спроведувањето на истраги за случаи на понижувачки или нечовечки третман ние не сме задоволни.“

Македонските судски органи повторно се изложени на критика, во случајов обвинителствата. Сите случаи кои ги разгледа Комитетот не беа ефективно истражени од обвинителствата и судиите до кои тие стигнаа.

„Обвинителите и судиите во сите случаи треба да реагираат одлучно, бидејќи не смее да се остави впечаток на неказнување, односно се советуваат строги санкции за полициските функционери кои се виновни за акти на тортура или понижувачко и нечовечко однесување.“ советува Мауро Палма

Во извештајот се претставени и конкретни случаи на жртви на такво однесеување на полицијата, но со инцијалите на жртвите.

Забелешки се испратени и на сметка на начинот на работа на македонската тајна полиција - УБК, од чии вработени се бара да се однесуваат согласно со законските рамки.

„Има многу случаи на лица кои се само „поканети“ на разговори, во бироата на УБК, но не на формален начин. За тоа не постојат регистри. Тоа е и една од критиките во нашиот извештај“, нагласува Палма.

Посетата од 2004 воглавно беше посветена на однесувањето на македонската полиција, тогаш беа посетени полициските станици во Гевгелија, Велес и скопските полициски станици во Бит Пазар и Чаир, како и бироата на УБК во Куманово и Гевгелија. Сепак беа посетени и затворите во Скопје, Гевгелија и Штип и притоа е констатирано дека:

„Има многу проблеми, ние препорачавме на пример пристап за затворениците на отворен простор, како и за подобрување на материјалната состојба на затворите, но нашата главна цел на посетата беше само да ги сослушаме сведоштвата на лицата кои имаа проблеми со полицијата.“, ни рече вице-претседателот на комитетот за спречување на тортурата.

За да се избегнат нови случаи на нечовечки или понижувачки третман, Комитетот предлага серија на мерки кои македонските власти треба да ги спроведат за да се почитуваат правата на лицата од самиот почеток на нивното лишување од слобода.

Последната посета на експертите од Стразбур на Македонија беше во јануари годинава и во моментов се води последната преписка со македонската влада, околу направените забелешки, по што се очекува објавување на новиот извештај во текот на 2007 година.