Европската комисија реагира по „случајот Неделковски“
1 јуни 2010Од кабинетот на еврокомесарот за проширување Штефан Филе денеска порачуваат:
„Европската комисија ги прими забелешките на Меѓународната федерација на новинари. Слободата на изразување е фундаментално право, кое заедно со медиумската слобода и плурализмот на медиумите претставува суштинска основа на нашите демократски општества. Европската комисија највисоко ги цени овие вредности. Со оглед на тоа дека безбедноста е еден од есенцијалните компоненти на нивната работа, Европската комисија очекува од Македонија да ги преземе сите потребни мерки за обезбедување на правата на новинарите и нивната сигурност.“
Меѓународната федерација на новинари пред петнаесетина дена реагираше на настапот на водителот Миленко Неделковски на една македонска телевизија, во која тој јавно повика на линч на новинарите кои не го делат неговото мислење.
МФН беше шокирана што властите во државата не преземаат мерки против ваквиот говор на омраза и повик на насилство. Федерацијата е во постојан контакт со Европската комисија, која високо го цени мислењето на оваа организација. Претставници на ЕК ќе ги пренесат критиките на крајот на оваа недела, на седница на Комитетот за стабилизација и асцијација кој ќе се одржи во Скопје.
Автор: Тања Милевска
Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска