1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Европската дипломатија на испит

Нина Хаасе/ Александра Трајковска 21 август 2013

Министрите за надворешни работи на ЕУ на кризна средба имаат намера да дискутираат за замрзнување на помошта за Египет. Потребно е да се заземе заеднички став, меѓутоа реалното влијание на Европејците е ограничено.

https://p.dw.com/p/19Snj
Фотографија: Reuters

Во август и министрите на ЕУ имаат одмор. Исклучок се навистина итни случаи. Дека нивниот одмор годинава ќе биде скратен многумина службеници и дипломати на ЕУ можеа да претпостават, откако на викендот за драматичните случувања во Египет за збор се јавија претседателот на Комисијата на ЕУ, Жозе Мануел Барозо и претседателот на Советот, Херман ван Ромпој. Европската унија „во наредните денови ќе изврши проверка на односите со Египет“, се вели во заедничкото соопштение.

Денеска (21.08.2013) министрите за надворешни работи во Брисел ќе се обидат да постигнат заедничка позиција. „Нема да биде едноставно“, коментира Бернардино Леон, специјалниот пратеник на Европската комисија за јужните региони на Средоземното Море, кој тукушто се врати од Египет: Унијата со 28 членки работи на тоа да се намалат тензиите меѓу преодната влада и силите за безбедност на една страна и Муслиманското братство и приврзаниците на екс претседателот Мохамед Мурси на друга страна.

Како реакција на насилните акции на силите за безбедност против демонстрантите изминатиот четврток (14.08.2013) редица ЕУ држави како Данска и Германија веќе ја прекинаа развојната помош за Каиро, во висина од милиони евра. Денеска министрите за надворешни работи на ЕУ ќе разговараат за запирање на испораката на оружје и прекин на парите помош и кредитите.

Ägypten Kairo Gewalt Ausschreitung Zerstörung Muslimbrüder
Повеќе од 800 луѓе го загубиле животот во ЕгипетФотографија: Reuters

Конкретно станува збор за пакет од пет милијарди евра, кои ЕУ, нејзините земји членки и организации минатата година ги предвидоа за Египет. Заедно со САД, ЕУ би можела да одбие или барем да одложи барање на Египет за кредити во висина од 3,6 милијарди од ММФ.

Некои ЕУ држави досега одбиваа да не ги исплатат средствата, стравувајќи дека таквите мерки би можеле уште повеќе да ја влошат ситуацијата на населението, наместо да се мотивира владата, да се врати на преговарачка маса.

Оттука на проверка е дипломатската умешност на европските министри за надворешни работи. „За ЕУ не е едноставно да одлучи дали привремено да ја стопира финансиската помош за Египет“, изјави ЕУ експертот Јозеф Јанинг од Германското друштво за надворешна политика во разговор за ДВ. „Од една страна тоа ги слабее и онака слабите структури на цивилното општество. Од друга страна Европејците не би можеле да продолжат, како ништо да не се случило“. ЕУ најверојатно ќе ја обнови понудата, штом ќе се сигнализира готовност за разговори, тие преговори да ги придружува со сопствен персонал.

Лимитиран простор за ЕУ

Колку и да сака ЕУ да изврши притисок да се стави крај на насилството во Египет - толку се чини се ограничени нејзините средства и оние на Западот. Државите на ЕУ се најголемите плаќачи на помош за Египет. Од САД египетската влада, по египетско-израелскиот мировен договор од 1979 година секоја година прима средства во износ од 1,3 милијарди американски долари.

Saud Al-Faysal Außenminister Saudi Arabien
Министерот за надворешни работи на Саудиска Арабија му нуди помош на ЕгипетФотографија: Getty Images/AFP

Но, Египет има алтернатива за поддршката од Западот. Саудиска Арабија вчера најави дека арапските земји биле подготвени, средствата помош од Западот кои евентуално би отпаднале, да ги надоместат со девет милијарди евра. „Арапските и муслиманските држави се богати и нема да имаат задршки на Египет да му поддадат рака за помош“, изјави министерот за надворешни работи на Саудиска Арабија, принцот Сауд ал Фаисал.

Кого го поддржува Западот?

Арапскиот и муслиманскиот свет внимателно следи како се однесува меѓународната заедница во однос на состојбата во Египет. Европејците и САД изминатите недели се обидоа да посредуваат. Високиот претставник за надворешна и безбедносна политика на ЕУ Кетрин Ештон, германскиот министер за надворешни работи Гидо Вестервеле и американскиот вице министер за надворешни работи Вилијам Брнс отпатуваа во Египет за да посредуваат меѓу преодната влада и приврзаниците на соборениот претседател Мурси. Но уште по првата рунда разговори на гостите им беше јасно, дека странските дипломати културно се сослушуваат, но ништо повеќе од тоа.

Наместо тоа генералот Абдел Фатах ал Сиси објави дека фазата на дипломатијата е минато. Египет секако поднел премногу мешање од странство. „Преодната влада е разочарана, бидејќи Европејците ја критикуваат“, вели Јозеф Јанинг. „Притоа таа себе си се гледа дека се бори против теророт и насилството“. Муслиманските браќа пак се разочарани, бидејќи Европејците според нивно гледиште недоволно строго го осудиле тоа што војската извршила пуч.

„Многу комплексна ситуација“

Дали ќе биде укината помошта или не - Европската комисија и натаму има намера да посредува. „Веруваме дека во земјата има сѐ уште демократски сили“, појаснува Бернардино Леон, „и ним сега ќе им се обратиме и со нив ќе се обидеме да соработуваме конструктивно“. Но: „Ситуацијата е многу комплексна“.

EU Ägypten Bernardino Leon
Специјалниот пратеник на ЕУ за Египет ЛеонФотографија: picture-alliance/AP

Но, Европејците нема едноставно да ги затворат очите, дополнува специјалниот пратеник на ЕУ. Земјата е премногу важна за целиот регион „Египет е клучен партнер. Тој најверојатно е најважниот партнер во просторот на Средоземното Море“.