Европратеници бараат враќање на опозицијата во парламентот
12 февруари 2013Опозицијата да се врати во Собранието, а внатрешните проблеми не треба да станат пречка за постигнувањето на националните цели, каква што е интеграцијата во Европската унија е пораката што европарламентарците Јержи Бузек (EПП, Полска), Туне Келам (EПП, Естонија), Мирослав Миколашик (EПП, Словачка) и Ласло Токес (EПП, Романија) ја упатија по средбата со министерот за надворешни работи Никола Попоски, одржана во Скопје.
„Демократијата значи постојан дијалог меѓу власта и опозицијата. Таков дијалог треба да се одвива во Собранието, како многу важна демократска институција. Од гледна точка на демократски стандарди, отсуството на опозицијата во Собранието е нешто невообичаено, неприфатливо. Бидејќи во вашата земја генералната поддршка за пристапување во ЕУ е многу висока, мислам дека и власта и опозицијата се одговорни за такво важно прашање, односно да се погрижат за високиот стандард на демократија“, изјави Бузек .
Порака за враќање на опозицијата во Собранието и воспоставување на институционален дијалог со власта побараа и неговите колеги европратеници. „Парламентот е институција на демократијата и не може да биде блокирана. Како поранешни комунистички граѓани многу добро знаеме дека само во диктатурата недостасуваше дијалог. Ни треба дијалог, наместо балкански војни. За нас е чест да бидеме тука и да придонесеме за мирно надминување на проблемите во пристапувањето на Република Македонија“, рече европратеникот Токес.
„Опозицијата, на некој начин, креира ситуација во која вашата земја Македонија не може да ги отвори поглавјата (од преговорите). Ова е нешто што политичарите од опозицијата треба да го разберат“, рече Миколашик.
„Македонија сега има прозорец на шанса да почне преговори и да се ослободи од овие пречки. Но, главното прашање е вашето внатрешно единство. Мислам дека Собранието е избрано за да има дебати. Кога членовите на Собранието одбиваат да продолжат со дебатата и решаваат да го бојкотираат, не е добро за земјата, не е добро за имиџот на земјата. Мислам дека внатрешните проблеми никогаш не треба да станат пречка за вашето национално единство и вашите национални цели“, рече Келам.