1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Европратениците ја запреа АКТА

Ралф Бозен / Александар Методијев4 јули 2012

Европратениците одлучија против контроверзниот АКТА-договор. Со неговото отфрлање, тој не може да стапи на сила. Претходно договорот беше жестоко критикуван во парламентарните тела, поради неговите недостатоци.

https://p.dw.com/p/15Qqq
Фотографија: Reuters

Во борбата против трговскиот договор против фалсификување, попознат како АКТА, една од движечките сили во Брисел е германскиот европратеник од редовите на Зелените Јан Филип Албрехт. Тој знае дека без притисок од улица отфрлањето на договорот би можело да не биде сигурно, па дури за него би можел да биде постигнат и компромис.

„Секако дека протестите многу придонесоа за да се зголеми вниманието на аргументите за отфрлање на договорот во Европскиот парламент и со тоа големите партии беа ставени под притисок да се одлучат дали се за или против овој договор“, изјави европратеникот Албрехт.

Успешното влијание на јавното мислење за АКТА во процесот на гласање, Албрехт го оценува како потврда на демократскиот пристао во ЕУ. Ставот на граѓаните ќе биде сериозно земен в предвид од страна на ЕУ.

„Јас мислам дека партиите не можат да дозволат нешто едноставно туку така да мине, ако потоа за неговата содржина се искажат значајни критики“, смета германскиот европратеник.

Стапици во договорот

А, ова беше почетокот на добронамерниот план. АКТА треба да го забрани посебно увозот на фалсификувани брендови од Далечниот Исток и да ги заостри меѓународните стандарди во борбата за заштита на авторските права на интернет, посебно нелегалните даунлоадирања на видео и музички материјали. Годишно во Европа се прави штета од осум милијарди евра со фалсификувањето на производи. За договорот меѓу ЕУ, САД и единаесет останати земји се преговараше четири години. Сепак, во деталите од АКТА договорот се откриени некои стапици.

Фронтот против него пред се’ го направија интернет корисниците. Во многу големи европски градови се организираа масовни протести низ улиците. Тие стравуваат дека ќе се заостри цензурата на интернет и дека сопствениците на тие права и при минимални повреди на законот ќе бараат претерано високи отштети од корисниците. Противниците на договорот обвинуваат и дека за него е преговарано зад затворени врати и оти јавноста била исклучена од неговото создавање.

Demonstration Düsseldorf Kundgebung gegen ACTA
Протести во Германија против АКТА договоротФотографија: dapd

Европратеникот од ЦДУ Даниел Каспари на АКТА гледа помалку критички. Тој жали за одлуката на Европскиот парламент, бидејќи според него договорот ќе беше напредок во заштитата на интелектуалната сопственост.

„Бидејќи во ЕУ имаме 10.000 работни места кои се под ризик или веќе се загубени поради фалсификуваните производи. Имаме милиони корисници кои се под ризик за здравјето поради фалсификуваните производи или, пак, купуваат неквалитетни производи, иако за нив даваат многу пари. Денеска имаме шанса да ја подобриме таа ситуација“, смета европратеникот Каспари.

Сепак, неговиот колега Албрехт смета дека отфлањето на законот е значајно, за да се отвори вистинска и јавна дебата за спроведувањето на правата од интелектуалната сопственост.