1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Европратениците бараат да се почитува одлуката на Судот од Хаг

7 декември 2011

Европратениците, кои редовно бараат почеток на преговорите за РМ и нагласуваат дека билатералните спорови не треба да бидат пречка за евроинтеграциите, ја поздравуваат одлуката на Судот од Хаг.

https://p.dw.com/p/13O4e
Фотографија: picture-alliance/ dpa / dpaweb

Гледано во целина, Европскиот парламент во сите свои резолуции посветени на Македонија и Балканот, последниве неколку години, изрази жалење што разликата околу името со Грција продолжува да ја блокира Македонија во нејзиниот напредок на патот за членство во Европската Унија. Европратениците, на повеќе наврати, ги повикаа државите членки на ЕУ да започнат веднаш преговори за членство на Република Македонија во Европската Унија.

Европратениците, меѓу другото, повеќе пати изразија „цврсто верување дека отворените прашања со билатерален карактер не смеат да го запираат процесот на земјите кандидати и потенцијални кандидати од регионот на Западен Балкан.

Потребно е да се продолжи со напорите за изнаоѓање на решение

По пресудата од Меѓунардониот суд на правдата од Хаг во полза на Македонија, многу е тешко да се дојде до првите реакции на европратениците, кои во моментов се наоѓаат во нивните изборни единици.

Претседателот на групата на Народните партии Жозеп Дол во писмената изјава за Дојче Веле, смета дека „премиерот Никола Груевски, треба да продолжи со напорите за изнаоѓање на заедничко прифатливо решение за разликите кои ги спротивставуваат Скопје и Атина.“

Leerer Sitz Europaparlament symbolisch
Европратениците во моментов се во нивните изборни единициФотографија: picture-alliance/ dpa

Францускиот европратеник нагласува дека најбројната група во Европскиот парламент, таа на Народните партии, „ги охрабрува сите напори за да се постигне урамнотежено решение, како и да се почитува одлуката на Меѓународниот суд на правдата во тој поглед“.

Од Групата на Сојузот на прогресивните европски социјалисти и демократите, инаку втората по големина политичка група во ЕП, еден од портпаролите за Дојче Веле нагласи дека: „Одлуката што ја донесе Меѓународниот суд на правдата, во случајот на Македонија против Грција, мора да иницира повторни обиди за изнаоѓање решение“, односно идентична позиција, која веднаш по пресудата ја истакна британскиот европратеник од редовите на оваа група, Ричард Хауит.

Пресудата, според известувачот во ЕП за напредокот на Македонија, претставува обврска за двете страни да преговараат за заедничко прифатливо решение. „Одлуката сама по себе не носи решение, но може страните да ги донесе поблиску до решението“, вели Хауит.

Голем успех на правдата

„За мене тоа е голем успех на правдата, бидејќи сите блокади против Македонија се апсолутно неправедни. Среќен сум што овој суд го направи ова за Македонија“, истакнува германскиот европратеник Бернд Поселт од редовите на ЦСУ, при што додава:

Deutschland MDEP Bernd Posselt von der CSU
Бернд ПоселтФотографија: presse

„Сега имаме одлична шанса да се постигне добар компромис меѓу Македонија и Грција, што ќе биде во европскиот дух. Сега голема одговорност на Грција е да го изолира национализмот од некои други времиња. Мислам дека сега треба да се направат сите подготовки за датум за почеток на преговорите. Сега ние се соочуваме со криза на Европската Унија, таа криза доминира во преокупациите на Советот на ЕУ. Но, ние од Европскиот парламент апсолутно се залагаме за конкретизирање на датумот за преговори за Македонија во текот на идната година“ , завршува Поселт.

Атина мора да ја почитува оваа пресуда

Чарлс Танок, од Групата на европските конзервативци и реформатори, во својата реакција нагласува дека „пресудата е победа на здравиот разум и почитувањето на меѓународното право.“ Според Танок, долгиот спор околу името го уништи она што треба да биде одлична добрососедска соработка, посебно во моментот кога Грција има потреба од сојузници и трговски партнери во регионот. На крајот од својата изјава британскиот европратеник бара: „Атина сега мора да ја почитува оваа одлука и да го подигне долгогодишното грчко вето за отворање на преговорите за евентуалното членство на Македонија во Европската Унија“.

Автор: Тони Гламчевски

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема