1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Европејците не и‘ веруваат на Европа

Нилс Науман / Елизабета Милошевска Фиданоска28 април 2013

Европа ги губи граѓаните. Од избивањето на еврокризата довербата на луѓето во заедницата е значително многу намалена. И тоа е така дури и во земјите традиционално пријателски настроени кон Европа, како што е Германија.

https://p.dw.com/p/18OaJ
Фотографија: picture-alliance/dpa

Хозе Игнасио Торебланка евроскептицизмот го споредува со вирус. Вирус, од кој очигледно ретко кој може да избега. Во меѓувреме, вели шпанскиот политиколог, заразен е целиот континент.

Довербата на граѓаните во ЕУ од 2009 до 2012 година драстично се намалила. Според последното истражување на ЕУ, особено се погодени јужноевропските земји, кои се борат против голема економска криза со програми за реструктуирање.

Во Шпанија само околу 20% од граѓаните и‘ веруваат на ЕУ, а во 2009 година тој процент бил 56. И Италијанците се станати евроскептици. Нивната доверба во овој период се намалила од 52 на 31 процент.

И во економски релативно стабилни држави, како Германија и Франција, ЕУ има загубено на углед. Така, само уште 30 проценти од Германците и‘ веруваат на Унијата, што претставува намалување од 14 проценти во споредба со 2009-тата. Во Франција пак, довербата паднала за 8% и сега изнесува 34 проценти.

„Изненадувачки е што во оваа криза речиси сите Европејци се гледаат себеси како жртви“, вели Хозе Игнасио Торебланка, кој учествуваше во истражувањето на Евробарометар. Тоа важи како за државите кои даваат пари, така и за државите кои примаат помош, како што е Шпанија.

„Луѓето се плашат за иднината, за работните места, стравуваат за својот животен стандард и за сето тоа ја обвинуваат Европа“, оценува европратеничката од редовите на социјалдемократите Јута Штајнрук. Многумина политичари и многу медиуми создаваат впечаток дека Европа е виновна за се‘.

Kosovo Europaparlament Juta Steinruck in Pristina
Јута Штајнрук: Многумина политичари и многу медиуми создаваат впечаток дека Европа е виновна за се‘Фотографија: DW

„Економската ситуација е тесно поврзана со довербата во ЕУ“, потврдува и политикологот Торебланка. Но проблемот е уште подлабок: „Луѓето имаат чувство дека ја губат контролата. Тие се принудени да прифаќаат работи кои им се претставуваат како безалтернативни.“ Германците мора постојано да се согласуваат со нови пакети мерки за кредитирање, Шпанците со нови пакети за штедење. Големата опасност, според Торебланка, е што е можно да се случи да се спаси еврото, но да се загубат граѓаните.

Незадоволство има, но не се бара напуштање на ЕУ

Досега ниту во Германија ниту во Шпанија нема голем број граѓани кои се залагаат за напуштање на еврото или за излез од ЕУ. Сепак, многумина се незадоволни од борбата против кризата, меѓу другото и поради тоа што во земјите во криза досега нема конкретни резултати од програмите за штедење. Шпанија, на пример, се‘ уште е во длабока рецесија, а невработеноста во меѓувреме се искачи на 27 проценти. Невработеноста кај младите е уште повисока. Истовремено, многу Германци се сомневаат во смислата на финансирањето на постојано нови кредитни програми.

„Идејата за солидарна Европа се губи. Луѓето повторно почнуваат да не си веруваат, да ги градат старите претстави за непријатели. Не би било првпат во историјата политички екстремисти да злоупотребат вакви кризи за свои цели“, вели Јута Штајнрук.

Политичарот на Христијанско-демократската унија, кој е потпретседател на Европскиот парламент, Рајнер Виланд има сличен став: „Опасноста недвосмислено лежи во тоа луѓето да почнат да бараат лек кај популистичките партии.“

Infografik Vertrauensverlust in der EU
Пад на довербата во ЕУ - споредба есен 2009. (светлозелена боја) со есен 2012. (темнозелена боја), изразено во проценти

Да се зајакне европската демократија

Опасноста Европа да пропадне поради недоволно поддршка на граѓаните е присутна, вели Виланд. Што да се прави? „Мораме да зборуваме за добрите работи. Тоа се прави премалку. Има премногу ‘да, но...‘ луѓе.“

Политичарката на СПД Штајнрук бара пред се‘ повеќе искреност кога се зборува за Европа. „Она што е добро и што се должи на Европа мора и да се каже. Пречесто се заборава дека нашите работни места и нашата благосостојба зависат од Европа.“

Основен проблем е што политичарите од одделни земји успесите на ЕУ си ги припишуваат себеси, а личните успеси му ги „туркаат“ на Брисел. И тоа е одамна присутен начин на објаснување на непопуларноста на ЕУ. Но за да се објасни недовербата на граѓаните кон ЕУ тоа не е доволно. Хозе Игнасио Торебланка смета дека станува збор за криза на легитимитетот. „Затоа мора да се зајакне демократијата.“ Мора да се подобри степенот на учество во европските процеси на носење одлуки, и тоа како на национално, така и на европско ниво.

Rainer Wieland CDU Europa-Parlament
Рајнер Виланд: Луѓето може да почнат да барат лек кај популиститеФотографија: imago/Gerhard Leber

Шпанскиот политиколог вели дека не може одлуки да се носат на ноќни седници на еврогрупата, затворени за јавност, или од страна на технократски институции како Тројката, а потоа тие одлуки само да бидат аминувани од страна на националните парламенти. Без да се променат ваквите структури, вели Торебланка, вирусот на евроскептицизмот нема да може да се победи трајно.