1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Европа ѝ честита на Меркел за изборната победа

АТ/ дпа/ афп24 септември 2013

Врвните политичари во Европа и честитаа на претседателката на ЦДУ и канцеларка Ангела Меркел за јасната изборна победа. Печатот, пред сѐ во јужните европски земји со покритички тонови.

https://p.dw.com/p/19mnP
Фотографија: picture-alliance/dpa

„Триумф за кралицата на штедењето“ - ваков наслов донесе еден ден по изборната победа на Ангела Меркел и нејзината ЦДУ грчкиот дневен весник „Та Неа“ . За весникот е јасно „Европа станува земја на Меркел“. Сличен став има и весникот „Ел Мондо“ од Шпанија. Весникот пишува: „Меркел, Меркел над сѐ“ - алудирајќи на првата строфа од Песната за Германија, која беше пеена пред сѐ во периодот на националсоцијализмот. Весникот меѓутоа успехот на Меркел го анализира трезвено со споредбено добрите економски показатели, пред сѐ ниската квота на невработеност. Левичарско ориентираниот весник „Ел Периодико“ нагласи дека кризата со еврото не ја исфрли Меркел од канцеларскиот кабинет- за разлика од поранешниот француски претседале, како и екс премиерите на Шпанија и на Италија.

Надеж во оската Берлин - Париз

Во францускиот печат изборната победа на Меркел се оценува како „триумф“ на канцеларката. Конзервативниот „Фигаро“ изрази надеж дека Меркел повторно ќе го разработи забревтаниот германско-француски мотор. „Меркел би требало да ѝ вдахне нов живот на европската интеграција“, пишува весникот. Весникот „Ле монд“ го донесе насловот „Шефица на Европа“. „Германија на Меркел ќе доминира со Европа во наредните четири години“, пишува весникот.

Bundestagswahl 2013 Merkel Presse Medien Reaktionen Europa Spanien
Фотографија: picture-alliance/dpa

Честитки од цела Европа

Францускиот претседател Франсоа Оланд беше еден од првите кој ѝ честиташе на Меркел во неделата вечерта во телефонски разговор. И двајцата биле единствени во ставот дека сакаат да ја продолжат својата „тесна соработка“ за да се „решаваат новите предизвици на европската конструкција“ соопшти Оланд. Неговиот министер за Европа Тјери Репентин во евентуална Голема владина коалиција ги гледа шансите за подобрување на партнерството со Германија. За „приближување“ меѓу Берлин и Париз СПД би морало да ја придвижи Меркел по прашањата за социјална политика. Репентин го наведе примерот за најниска плата, за што Франција силно се залага на европско ниво.

Премиерот на Италија Енрико Лета истакна дека е тоа важен резултат за Европа и ѝ честиташе на канцеларката. Важно пред сѐ е тоа што евро-критичната Алтернатива за Германија не влезе во Бундестагот. „Мислам дека е тоа добар сигнал“.

Претходникот на Лета, Марио Монти се надева на владин сојуз меѓу Унијата и СПД. „Доколку биде формирана Голема коалиција сметам на напредок при европската интеграција“. За катастрофално лошиот резултат на либералите поранешниот еврокомесар истакна: „Актуелното ФДП честопати стоеше на патот на европската политика“, вели Монти.

Финска нагласи дека Меркел по гласањето ќе биде уште посилна во Европа. „Кога има некое одредено гледиште, тогаш ќе го спроведе во една или друга форма“, рече министерот за Европа на Финска Александер Стуб.

Опозицијата во Португалија го оцени триумфот на Меркел како „лоша вест за Европа“. Изборниот резултат ја зајакнувал Меркел, која со нејзиниот курс политички се излорала во Европа, изјави еден партиски портпарол.

Комисијата на ЕУ со пофални зборови за курсот на Меркел

Претседателот на Европскиот совет Херман ван Ромпој изрази уверување дека „Сојузна Република Германија и нејзината нова влада и натаму ќе дава ангажиран придонес за изградбата на една мирна и економски успешна Европа, која им служи на сите граѓани“. Исто така и Комисијата на ЕУ го пофали проевропскиот курс на Меркел. „Таа е жена со здрав разум, жена со енергија, жена со прагматизам и сосема јасно жена која застапува европски убедувања“, изјави комесарот Мишел Барниер во Брисел. „Сето тоа се карактеристики (...) кои нам ни се потребни, кои ѝ се портребни на Европа“.