1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Европа ќе ги сноси последиците од кавгата меѓу големите воени сили

16 јули 2007

Амбасадорите на НАТО денеска во Брисел ќе разговараат за новонастанатата ситуација по најавата на рускиот претседател Владимир Путин дека ќе го замрзне Договорот за ограничување на конвенционалното оружје.

https://p.dw.com/p/BGL0
Рускиот претседател Путин го најавува замрзнувањето на Договорот за конвенционално оружјеФотографија: AP

Портпаролот на НАТО Џејмс Апатураи оцени дека станува збор за назадување на полето на меѓународната безбедност. Според најавата на претседателот Путин, Русија не се откажува потполно од Договорот склучен во 1990-та меѓу НАТО и тогашниот Варшавски договор. Договорот ќе биде замрзнат и тоа кон крајот на годинава. Рускиот заменик министер за надворешни работи Сергеј Кисљак појасни:

“Оваа одлука се објаснува со посебните околности што и‘ се закануваат на безбедноста на Руската федерација. Тоа практично значи дека нема повеќе да информираме за бројот на конвенционалното оружје и војниците кои го опслужуваат, како што е предвидено со договорот. А не се чувствуваме повеќе обврзани ни кон предвидените ограничувања за стационирање на нашето оружје. Сакам да нагласам дека вратите за дијалог не се затворени, ние им поднесовме конкретни предлози на нашите партнери“ - појасни Кисљак.

Американската влада има намера понатаму да разговара со Русија, порача и американскиот владин портпарол Гордон Џондро. Главниот проблем е најавата на Вашингтон за инсталирање нов антиракeтен штит во Полска и во Чешка. Со тоа се изместува рамнотежата во светот, сметаат руските воени експерти. Високи претставници на Полска и Чешка на викендот исто изразија жалење поради одлуката на рускиот претседател. Со оглед на претходните најави, оваа одлука сепак не е изненадување, се вели во Варшава и Букурешт.

“Ова решение не е опасно само за Европа, тоа е опасно пред се‘ за Русија“ - порача полскиот министер за одбрана Александар Шигло.

Полска сепак се надева дека договорот нема да биде дефинитивно прекинат, порача претставник на Министерството за надворешни работи во Варшава.

Државниот секретар при германското министерство за надворешни работи Гернот Ерлер пак изјави:

“Верувам дека се‘ уште има шанса да се спаси овој вонредно важен договор за контрола на вооружувањето.“