1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Европа треба да се доживее - да продолжи процесот на олеснување на визниот режим

Нада Штајнман13 април 2007

Денеска во Загреб и вчера во Брисел ЕУ парафираше договори за олеснување на визниот режим со земјите од Балканот. За тоа што носат овие одредби за земјите од Западниот Балкан зборува германската европарларментарка Дорис Пак. Интервјуто со неа го водеше Нада Штајнман.

https://p.dw.com/p/Abxn
Дорис Пак, германска европарламентарка
Дорис Пак, германска европарламентаркаФотографија: dpa

ДВ:Госпоѓо Пак, Вие лично се залагавте многу за склучувањето на договорите за олеснување на визниот режим со земјите од Западниот Балкан. Дали сте задоволни со постигнатото?

Дорис Пак: Не, секако дека не сум задоволна, ова е само прв чекор. Треба да сфатиме дека луѓето кои живеат на овие простори порано живееја во Југославија и немаа никакви потешкотии да патуваат низ Европа и да ја доживеат. Сега не можат и затоа не можеме од младите луѓе во регионот да очекуваме дека ќе размислуваат европејски, ако немале шанси да ја доживеат Европа поради строгиот визен режим што владее сега меѓу ЕУ и нивните земји. Тоа значи ова е сега само прв чекор. Секако тој треба да се поздрави, но ние ќе продолжиме да работиме на тоа владите да разберат оти криминалците ионака ќе влезат во земјите на ЕУ, ако не со исправна виза, тогаш со купена. А добрите луѓе кои имаат вистински интерес за Европа тие сега не можат. Токму тие би требало полесно да добиваат визи. Впрочем за нив не би требало да има визи воопшто.

Каква е ситуацијата со Србија, таа не го потпиша документот за олеснување на визниот режим?

Дорис Пак: Тоа е поврзано со условот за потпишување на документот за олеснување на визниот режим, имено сите земји мораат прво да го потпишат договорот за реадмисија, така што азилантите и бегалците кои се сега кај нас во европските земји ќе можат да бидат вратени во нивните татковини на Балканот. Србија тој договор не го потпиша и затоа не може ни да профитира од олеснувањето на визниот режим.

Да се вратиме на олеснувањата, значи ли тоа дека договорите ќе можат да стапат во сила до крајот на годината? Дали голем број млади луѓе ќе можат да патуваат тогаш во земјите на ЕУ?

Дорис Пак: Да, тоа се однесува пред се‘ на студентите, научниците и професорите. Кога ги отворивме нашите образовни програми за овие земји од Балканот, важно е да се отвори и можноста за нив да можат да патуваат слободно во членките на ЕУ.

На Косово на крајот на април ќе патува делегација на Советот за безбедност на ОН што ќе се запознае со состојбата на лице место за да може да го провери планот на посредникот Марти Ахтисари. Што очекувате од мисијата на ОН?

Дорис Пак: Па, не очекувам многу од неа, бидејќи се‘ што тие сакаат да дознаат е веќе запишано во планот на Ахтисари и во извештаите на актуелниот шеф на УНМИК Јоаким Рикер, како и на неговиот претходник на функцијата. Тоа во принцип е само одложување на неопходната одлука за статусот на Косово во Советот за безбедност на ОН. Но, ако таа мисија сепак помогне за да се најде побрзо решение за отворениот проблем, тогаш секако никој не може да има нешто против.

Кога може да очекуваме решение? Се погласни се оние кои велат дека тоа би можело да се одложи за септември?

Дорис Пак: Не сум добра во шпекулирање, но знам дека што подолго се одложува решението, ќе биде потешко тоа да се донесе. До спогодба меѓу Србија и Косово ионака нема никогаш да дојде и од таа гледна точка, никој не може околу тоа ни да шпекулира. Затоа сметам дека што побргу Советот за безбедност се одлучи за Резолуција што ќе донесе конечно решение на статусот, тоа е подобро за целиот регион, за Србија, за Косово и за сите околни земји. Србите мора да бидат во состојба да го остават зад себе минатото и да го свртат погледот кон иднината, да водат политика со која ќе можат поскоро да и‘ се приближат на ЕУ. Тоа можно само кога тие ќе се ослободат од овој товар.

Независност под надзор на ЕУ, што се подразбира под тоа, како ЕУ има намера да се ангажира?

Дорис Пак: Косово би требало да прогласи независност, а земјите кои сакаат да го признаат би требало тоа и да го сторат. Ние ќе го сториме истото, ако е тоа желба на Советот за безбедност на ОН. Тоа ќе значи дека условите што се поставени во планот на Марти Ахтисари исто така треба да бидат исполнети. За тоа пак е неопходен надзор на ЕУ, значи некој кој ќе води сметка да се спроведе децентрализацијата што е предвидена со планот на Ахтисари, да се почитуваат правата на малцинствата, да се решаат прашањата за границите – сето тоа мора да се исполни. Затоа е важно да се подготвиме за тоа, што ние и го правиме. Нема да се мешаме во работата на власта, како што тоа сега го прават ОН, туку само ќе водиме сметка за реализацијата на принципите што ги постави Ахтисари, како заштита на малцинствата и на културните богатства и сл.

Ограничена независност значи создавање нова држава, дали ќе имаме две албански држави на Балканот? Нема ли со тоа да се разбудат нови апетити? Дали меѓународната заедница има механизми за да се справи со евентуално разбудените апетити?

Дорис Пак: Мислам дека апетити секогаш има, но тоа не значи дека тие треба и да се задоволат. Доколку некој би имал некое друго решение за проблемот, тогаш би можеле и да го разгледаме, но такво друго решение нема. Затоа треба да одиме понатаму со ова решение и треба така да го обезбедиме за да не дојде до проблеми. Мислам дека треба да одиме по патот што го исцрта Ахтисари и треба да создадеме таква структура да може да се обезбеди се‘ што е неопходно, вклучувајќи ги и правата за малцинствата, заштитата на културните богатства, децентрализацијата и тн.

Исто така треба јасно да ставиме на знаење дека овој случај не може да се споредува со други, на пример со Шпанија и проблемот со покраината Каталонија. Во Каталонија луѓето никогаш не страдале од режим каков што беше оној на Милошевиќ. Исто така таму никогаш немало систем на апартхејд. Каталонија е покраина на Шпанија која има веќе одредени права во рамки на децетрализацијата и таму нема никакви причини таа да излезе од државната структура на Шпанија. Значи не би смеело тамошната ситуација да се споредува со онаа на Косово, каде во 90-тите години имавме владеење на систем на апартхејд и затоа не е повеќе можно оваа покраина да остане под српска власт. Тоа впрочем не е добро ни за Србите, бидејќи тие знаат оти со толку големо албанско население во рамките на нивната државна творба нема никогаш да имаат мир. Сметам дека ниту еден српски политичар не е сериозно заинтересиран да управува и владее со Косово. Тие се заинтересирани само да ја зачуваат територијата, но со тоа не може да се реши проблемот.

Тука се и соседите, во Македонија живее големо албанско малцинство. Но и Грција е загрижена. Како може да се одрази одлуката за независност на Косово врз Македонија?

Дорис Пак: Не разбирам зошто е загрижена Грција, таа нема никакви интереси во Косово, а не се ни граничи со него. Во таа смисла Грција е повеќе загрижена заради Србија, но не и за самата себе. За Македонија тоа можам да го разберам, но таа најде добар механизам како може да живее со Албанците кои живеат во Македонија. Охридскиот договор на Албанците во Македонија за прв пат им гаранира еднакви права во заедничката држава. Затоа сметам дека таму нема да има никакви проблеми.