1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Европа останува најконкурентниот регион во светот

Ролф Венкел / Александар Методијев5 септември 2012

И покрај кризата во еврозоната, шест европски земји се наоѓаат во топ десетте најконкурентни земји во светот. Тоа го покажува новиот Глобален извештај за конкурентност на Светскиот економски форум.

https://p.dw.com/p/163mz
Фотографија: Fotolia/Xuejun li

Швајцарија, Сингапур и Финска ја предводат светската ранг листа на најконкурентни земји, која Светскиот економски форум ја објави денеска (05.09.) во Женева. И покрај еврокризата, во топ десетте земји се’ уште доминираат оние од Западна и Северна Европа. Зад Швајцарија и Финска, на четвртото место се наоѓа Шведска, Холандија на петото, Германија остана како и во минатата година на шестото место, а Велика Британија се искачи од десетата на осмата позиција.

Бидејќи Шведска и Финска си ги заменија местата, Данска падна од осмото на 12-то место, а Франција од 18-то на 21-то. Австрија успеа да ја подобри позиционираноста од 19-то на 16-то место. Во Јужна Европа е регистриран надолен тренд. Додека Италија го подобри рангирањето со позиционирањето на 42-то место, а Шпанија остана на 36-то место, Португалија падна четири места и се задржа на 49-то место, а Грција шест места и се наоѓа на 96-та позиција.

САД губат и натаму

Дури и САД загубија четврти пат по ред и од четвртото место паднаа на седмата позиција. Земјата може и натаму да добива поени со своите иновативни компании, одлични универзитети и најголемиот единствен пазар во светот, но таа покажува дефицит во довербата која економијата ја има во институциите, политиката и стопанската стабилност, открива истражувањето на Светскиот економски форум.

Ранглистата на конкурентноста се базира на Глобалниот индекс на конкурентноста за 144 земји, кој беше развиен во 2004-та година на Универзитетот во Колумбија во САД за потребите на Светскиот економски форум. Индексот е базиран на 12 конкретни аспекти. Меѓу другите се инфраструктурата, макроекономската стабилност, здравството и основното образование, пазарот на труд, степенот на технолошки развој и големината на пазарот.

Мешана слика на брзо-растечките пазари

Рангирањата се базирани на аналици на цврсти бројки од јавно достапни статистики и резултати на истражувања на јавното мислење, кои секоја година се спроведени од страна на Светскиот економски форум заедно со мрежата на неговите партнерски институции. За Германија е одговорно приватното економско училиште Ото Бајзхајм во близина на Кобленц.

Ако во минатите години се забележуваше дека брзо-растечките економии одат напред во споредба со генерално стагнирачките индустриски нации, сега се чини дека тој тренд е запрен. Кина падна за три места на 29-та позиција, Индија загуби три места и е 59-та, Русија загуби едно место и е 67-ма на ранг листата, а Јужноафриканската Република загуби две места и е рангирана како 52-ра. Единствено Бразил се подобри за пет позиции и е на 48-то место.