1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Европа не сака дестабилизација на Македонија

Тони Гламчевски10 април 2008

Политичката криза, како предвремените избори сигурно дека ќе доведат до забавување на реформите, беше речено во раправата која се водеше во Европскиот парламент за напредокот на Македонија на патот кон ЕУ.

https://p.dw.com/p/DfHu
Името и во Брисел се наметна како темаФотографија: AP

Република Македонија има постигнато напредок, посебно во меѓуетничките односи, оцени известувачот на Европскиот парламент, Ерик Мејер во расправата за напредокот на Македонија на патот кон ЕУ.

„Важно е да бидат решени проблемите, кои беа причината за конфликтот“, нагласи Мејер, споменувајќи ги тука употребата на јазиците на локално и национално ниво, како симбол на еднаквост меѓу сите граѓани во една мултиетничка држава.

Македонија е фактор на стабилност во регионот

Словенечкото претседателство со Европската Унија беше охрабрувачко за Македонија:

„Мислиме дека во текот на годинава таа треба да добие датум за преговори.“ – предочи државниот секретар за европски прашања Јанез Ленарчич.

„Не смееме да заборавиме дека оваа држава досега докажала дека во регионот има стабилизирачка улога. Таа улога треба да и‘ се признае и со позитивни сигнали да се поттикне и понатаму да има позитивна улога, како во регионот, така и во спроведувањето на реформите,“ нагласи Ленарчич.

Тој притоа го резимира она што се бара од Македонија во извештајот на Мејер и за што постои согласност кај европратениците:

„Владата од Скопје доследно да го спроведе Охридскиот договор во областа на децентрализацијата и застапеноста на етничките малцинства во јавната администрација. Се посакува и напредок во решавањето на уште неколку преостанати прашања поврзани со албанската заедница.“

Концентрирање на реформите

Евидентно, политичката стабилност е од суштинско значење за успехот на Македонија, нагласи од својат страна еврокомесарот за проширување Оли Рен. Еврокомесарот ги повика сите политички партии во Македонија да се концентрираат на агендата на реформите, за да не ја пропуштат историската можност која и‘ се пружа годинава.

„Го повторувам истиот повик и денес. По самитот на НАТО во Букурешт, прашањето за името одзема голема политичка енергија.“ Изразувајќи разбирање за разочараноста по Букурешт, Рен ги охрабри политичките лиедери на земјата одлучно да продолжат на патот на интеграциите во НАТО и ЕУ.“ Тој притоа даде до знаење дека Комисијата ја има во предвид препораката од извештајот на Мејер за отворање на преговори со Македонија.

Дебата и за спорот со името

Како и што се очекуваше, повеќе говорници во дебатата за Македонија, која се водеше заедно со таа за Хрватска, се задржаа на проблемот со името.

„Ги повикувам моите грчки колеги да направат напори, бидејќи лошата одлука во Букурешт води кон дестабилизација на Македонија.“ – рече германскиот европратеник Бернд Поселт во името на групата на европските народните партии.

„Двете земји треба да направат напредок, и Грција и Македонија. Создавање на внатрешна политичка криза во Македонија, не и‘ помага, тоа само го блокира договорот меѓу Македонија и Грција.“ – оцени Јоханес Свобода.

Дорис Пак оцени дека евентуалното грчко вето за евроинтеграциите на Македонија би било неосновано.

„Ако има вето, тоа нема да биде во согласност со европските норми, втемелено врз проблемот со името. Тоа нема никаква основа. “

Шлаканица за државата која прави напори

Ангелика Бер беше уште подиректна: „Грција е таа која ги крши европските принципи, а не Македонија. Ветото на Грција за членството на Македонија во НАТО е шлаканица за малата држава, која прави напори и која сака да ни се приклучи.“

Грчкиот европратеник Антониос Тракателис, признавајќи дека Македонија постигна напредокот во реформите и внатрешниот концензус за почитување на правата на малцинствата, околу проблемот за името рече:

„За Грција прашањето на името не е сентиментално или историско прашање, туку политички проблем кој се однесува на границите и на добрососедските односи. Грција се согласува за едно сложено име.“

Според Јелко Кацин : „Напредокот и приближувањето на Македонија кон ЕУ е најдобар начин за стабилизација на тој дел на Балканот.“ Тој побара од словенечкото претседателство и ЕК да не ја чекаат есента за да расправаат за Македонија, туку тоа да го направат на наредниот самит.

Некои европратеници побараа да се откаже гласањето за резолуцијата и извештајот на Мејер, до крајот на месецот,

но засега тоа се уште е запишано на дневниот ред за пладневното гласање.