1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Европа на протести

БГ/СН/ртр/афп/дпа14 ноември 2012

Ширум Европа за денеска се најавени штрајкови и протести против мерките за штедење во задолжените земји. Шпанските и португалските синдикати се обединија во битката за подобри работнички права на прв заеднички штрајк.

https://p.dw.com/p/16iqp
Фотографија: CCOO

Синдикатите во Шпанија и Португалија денеска ќе го одржат првиот координиран генерален штрајк на Иберискиот полуостров во знак на протест против мерките за штедење и зголемувањето на даноците. Се очекува да запрат со работа јавниот транспорт, авионскиот сообраќај, училиштата и болниците.

Европскиот сојуз на синдикати ЕГБ го прогласи денешниот ден 14 ноември за „Ден за акција и солидарност“.

„Меѓународната координација покажува дека денеска не очекува историски момент за синдикадите во ЕУ“, порача првиот човек на најголемиот шпански синдикат, Фернандо Тохо.

Синдикатите во Грција и Италија исто така планираат да одржат штрајкови и демонстрации, а кон протестите ќе се приклучат и работниците од Франција, Белгија и други европски земји.

Шпанија, каде секој четврти работоспособен граѓанин е невработен, е веќе на работ да побара помош од фондот на ЕУ, иако премиерот Мариано Рахој со сите сили се обидува да го избегне таквиот исход за да не се соочи со реформи наметнати од Брисел.

Spanien Twitter Aufruf zum Europäischer Streik- und Aktionstag 14N
Шпанија: Најава за денешниот „Ден за акција и солидарност“ на ТвитерФотографија: DW

Страстите во Шпанија дополнително се разгореа откако минатата недела една жена си го одзеде животот, бидејќи извршители сакале да и го одземат станот. Шпанците се бесни затоа што банките се спасуваат со државни пари, а обичните луѓе страдаат.

„Ќе протестираме бидејќи тие ги игнорираат правата на луѓето. Луѓето губат се’, а тие ни ги покачуваат даноците“, вели студентката од Мадрид Сандра Гонзалес, која планира да учестува на денешните протести.

Расте отпорот

Во Португалија, која минатата година го прифати планот за спасување на ЕУ, состојбата е помирна, но се зголемува бројот на противниците на мерките за штедење, па поради тоа во опасност се и реформските политики на премиерот Педро Пасос Коељо.

„Првиот заеднички ибериски штрајк ќе биде силен сигнал за незадоволство и предупредување за европските власти“, изјави првиот човек на португалскиот синдикат Арменио Карлос.

Шпанските синдикати имаат околу 5,5 милиони членови, додека во Португалија таа бројка е околу еден милион работници. Планирани се штрајкови и маршеви низ сите поголеми градови во двете земји, а главниот протест е планиран за доцна попладнево во Мадрид.

За првпат во историјата, шпанските синдикати ќе одржат два генерални штрајка во една година. Последниот кој се одржа во март, доведе до речиси целосен застој и предизвика улични судири и насилства. Оттогаш, отпорот против реформите и мерките за штедење постојано расте.

Економијата на Шпанија, четврта по големина во еврозоната, годинава ќе се намали за дополнителни 1,5 отсто. Португалската ќе забележи рецесија од 3 проценти.

Portugal Sparmaßnahmen Demonstrationen Proteste
Фотографија: AP

Луѓето во двете земји речиси секојдневно остануваат без работа. Националната шпанска авиокомпанија Иберија минатата недела најави дека ќе отпушти уште 4.500 работници. Престижниот весник Ел Паис веќе отпушти една четвртина од вработените.

Во Португалија, состојбата беше релативно мирна, се’ додека владата не најави дополнителни мерки за штедење. Генералниот штрајк одржан во март наиде на мал одзив, но веќе во септември стотици илјадни Португалци излегоа на улиците да протестираат против владините политики.