1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

EG Jugoslawien Zerfall

30 август 2010

Тогашната Европска Заедница конфузно реагираше на распадот на Југославија. Германија беше предводник во признавањето на новонастанаите држави, но во меѓувреме дури и во Србија се здоби со респект и симпатии.

https://p.dw.com/p/Ob6B
Додека Европската Заедница се мачеше да заземе единствен став, Германија го кажа своетоФотографија: AP

Кога во летото 1991 година борбените дејства меѓу српските милиции и хрватските трупи во Хрватска стануваа се’ посилни, стана јасно дека во поранешна Југославија не само што се кршат човековите права, туку се „во игра“ и мирот и стабилноста во цела Европа.

Но, членовите на Европската Заедница (ЕЗ) не можеа да се усогласат околу заедничка линија на дејствување. Еден консеквентен севкупен концепт за сите држави-наследнички на Југославија потона во неплодната позициона борба во ЕЗ.

Предводничка улога на Германија во признавањето на државите

Членките на ЕЗ пред се’ беа поделени околу прашањето за признавање на републиките што се стремеа кон отцепување - посебно на Словенија и Хрватска - како независни држави. Држави што и самите беа конфронтирани со регионалистички движења, како Франција, Велика Британија и Шпанија, сакаа да се задржи статус кво, додека Германија силно се заложи за признавање.

Тогашниот германски министер за надворешни работи Ханс-Дитрих Геншер го сметаше признавањето за единствено политичко средство за притисок против политиката на српскиот лидер Слободан Милошевиќ, откако економските санкции против Србија доживеаја неуспех поради отпорот на другите членки на ЕЗ. Цел на Геншер беше да се запрат борбените дејства на хрватска територија, за што предуслов беше повлекувањето на Југословенската народна армија - во суверена Хрватска ЈНА веќе не би имала никаков легитимитет.

Силното ангажирање на Германија за признавање на Словенија и Хрватска и’ донесе прекори на германската надворешна политика дека на своја рака и избрзано поддржува отцепување на државите. Критичарите тврдеа дека со тоа уште повеќе беше забрзан распадот на Југославија. Но, распадот пред се’ го туркаа напред самите регионални актери. Во секој случај, критички треба да се оцени фактот дека признавањето на Хрватска и на Словенија од страна на Германија уследи уште пред да бидат поднесени резултатите на Комисијата од независни експерти, востановена од ЕЗ, а предводена од судијата на францускиот уставен суд Бадентер. Тоа ја разниша веродостојноста на ЕЗ.

Jugoslawien Kroatien Serbien Deutschland Geschichte EU Treffen in Maastricht
Хелмут Кол (л.) и Ханс-Дитрих Геншер: Германија силно се заложи за признавање на Словенија и ХрватскаФотографија: AP

Постапките на германската надворешна политика и’ донесоа големи симпатии на Германија во Хрватска, додека пак, во српските медиуми беа жигосани како непријателски спрема Србија. Германската политика на признавање ги потхрануваше сомневањата внатре во ЕЗ дека повторно обединетата Германија со политиката спрема Југославија сака повторно да преземе водечка улога меѓу европските сили.

Со колку малку сензибилитет во ЕЗ гледаа на своите постапки во однос на некогашна Југославија покажува изборот на датумот за признавање на Босна и Херцеговина - 6 април, токму на денот на германското бомбардирање на Белград во Втората светска војна, што беше увод во разбивањето на првата југословенска држава.

Германско учество во борбени дејства за првпат по 2. светска војна

Кога неколку денови потоа, во мај 1992, во БиХ изби војната, се’ уште не беше на повидок некаква заедничка европска безбедносна политика. Хуманитарната помош беше замена за политичко или воено дејствување. ОН беа целосно немоќни и дури дипломатската и воена интервенција на САД му стави крај на конфликтот по триипол години.

Deutsche KFOR Soldaten
Германски војници на КосовоФотографија: AP

Но, тоа не беше исход и за конфликтот во српската покраина Косово, мнозински населена од Албанци, која исто така се стремеше кон независност. Српската влада на чело со Слободан Милошевиќ се обиде со сета сила да ги потисне тие стремежи и реагира со масивно протерување на Албанците. Во 1999 година НАТО се реши воено да интервенира во конфликтот. Германското учество во таа акција беше најголем прелом во германската надворешна политика од постоењето на Сојузната Република - за првпат од 1949 Германија учествуваше во воена акција, и тоа предводена од владата на левиот центар на чело со Герхард Шредер.

Уставно-правни рамки за оружениот ангажман на Бундесверот надвор од територијата на НАТО-сојузот беа поставени уште во 1994 година од страна на Уставниот суд со таканареченото решение за „аваксите“. Предуслов беше согласност од Бундестагот. Но, акцијата на НАТО против Србија меѓународно-правно не беше непроблематична, оти во меѓународното право нема легитимација за хуманитарно заснована воена интервенција на територија на една суверена држава. Таа акција крена соодветно големи бранови во германската јавност. Приврзаниците во неа гледаа логична последица на поголемата политичка тежина, што по обединувањето ја доби Германија во Европа. Германското учество во интервенцијата на НАТО во Србија беше толкувано во традицијата на наводното антисрпско расположение.

Уважување на Германија како мотор на европската интеграција

Германија ужива до денес големи симпатии во државите кои се чувствуваа поддржани во својата политика за отцепување. Во државите наследнички на Југославија е респектирана и призната германската улога на голема економска сила во ЕУ и на мотор на европската интеграција. Дури и во Србија се послаби антигерманските тонови во медиумите. Имајќи ја предвид целта за што е можно поскорешно членство во ЕУ, денес насекаде се цени ангажманот на Германија за одржување на европската перспектива на сите држави-наследнички на Југославија.

Автор: Верица Спасовска / Зоран Јордановски

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска