1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

„Европа е буре барут, а Балкан е фитилот“

Зоран Арбутина
17 февруари 2017

Перспективата за членство во ЕУ со години го поддржуваше демократскиот развој на државите од Западен Балкан. Без неа, последиците по цела Европа можат да бидат катастрофални, стравува Норберт Мапес-Нидик.

https://p.dw.com/p/2XkNn
Slowakei EU Gipfel in Bratislava Flaggen Symbolbild
Фотографија: Reuters/Y. Herman

Дојче веле: Во последните недели и месеци во Западен Балкан (Македонија, Албанија, Косово, Србија, Црна Гора, БиХ, Хрватска) е присутно заострување на тонот меѓу државите и различни етнички групи. Се има впечаток како регионот во еден дел да стана понестабилен. Треба ли Европа повторно да биде загрижена поради Западниот Балкан?

Норберт Мапес-Нидик: Мислам дека е така. Се разбира, реториката во прв ред служи за презентирање пред сопствените бирачи во улога на заштитник. Оцрнувањето на омразените соседи има добар прием. Се создава чувство на постоечка закана, а истовремено на луѓето им се сугерира дека го имаат вистинскиот кој може да ги заштити од таа опасност. Само по себе тоа не е опасно, но може да биде доколку се развие одредена динамика. Можност постои - опасноста е навистина присутна. Овој развој ќе се зголемува со слабеење на ЕУ, на нејзиното влијание и нејзините средства за притисок. Не верувам во преориентација во правец на Москва или Турција, но ќе дојде до потврди позиции.

Каква улога игра ЕУ во овој регион и какви се воопшто нејзините можности за влијание?

Во последните 20 до 25 години, ЕУ беше единствената алтернатива на територијалната расцепканост. Перспективата за влез во ЕУ насекаде играше голема улога. Почетокот беше уште во 1991. година, со независноста на Словенија. Тогаш словенечкиот министер за надворешни работи Димитриј Рупел го претстави распадот на Југославија и обединувањето на Европа како две страни на еден медал. Без едната, неможна е другата. Тоа значи, бидејќи Европа се обединува, Југославија се распаѓа. Во тоа време се мислеше дека оние кои сакаат да се приклучат кон ЕУ, треба тоа брзо да го направат, без да чекаат на другите кои уште не се подготвени на тоа. Словенија не сакаше да биде мала, изолирана земја во светскиот океан, туку дел од ЕУ.

За другите нации ова важи уште повеќе. Речиси нема концепт според кој една мала национална држава би можела да преживее во ваков глобализиран свет, доколку не припаѓа на ЕУ. Луѓето веруваат во ЕУ, сакаат да ѝ припаѓаат, меѓу другото и поради недовербата во сопствените елити. Но, во 2014. година, со новата Европска комисија, дојде до прелом. Претседателот на ЕК, Жан-Клод Јункер најави пауза во ЕУ-проширувањето во следните пет години. Таквата отворена изјава беше како затворање врата. Да го земеме примерот со Македонија. Земјата е кандидат за влез во ЕУ веќе 11 години, но поради ветото од Грција не се почнати официјални преговори. Приемот не беше можен и во годините кога во Македонија постоеше напредок, и никој не се грижеше околу тоа. Така, земјата мораше да се преориентира, што и се случи. Започна развој кој цути и во други балкански земји: сѐ поавторитарно раководство, кое не се грижи што мислат другите за него. Ова раководство постојано намигнува и кон Москва, не грижејќи се за барањата од ЕУ за демократизација и правна држава. 

Велите дека ЕУ им е потребна на луѓето од Западен Балкан како коректив на нивните политички елити. Можете ли да го дообјасните ова?

Тие сакаат одредено реосигурување. На пример, во Македонија чув дека порано, во екс-Југославија, ако се добиел впечаток дека сопствената влада се истрчала или се впуштила со некои интересни групи, се одело во Белград. Морала да постои повисока инстанца, тешко било излегувањето на крај дури и со сопственото раководство во Скопје. Слично нешто чув и во Белград. Доколку нашето раководство станува сѐ поавторитарно, сѐ додека имаме надеж за приклучување кон ЕУ, можеме да бидеме сигурни дека тоа раководство нема еден ден да дојде на идеја сите опозиционери да ги стави во затвор. Оваа контрола и овој мониторинг даваат одредена сигурност.  

Norbert Mappes-Niediek
Норберт Мапес-НидикФотографија: Privat

Кога се зборува за ЕУ, од една страна во Белград, Приштина или Сараево и од друга страна во Берлин, Париз или Брисел, дали сите пред очи ја имаат истата Унија?

Во сите земји егзистираат различни перпективи. Тоа не важи само во случајот меѓу Запад и Југоисточна Европа. Постојат одредени шеми во главите на луѓето. Британската шема беше постоење голема слободна трговска зона, некој вид Комонвелт. Во Германија отсекогаш беше присутна визијата за федерална држава, додека Австријците пред очи имаа монархија. И на територијата на поранешна Југославија постои претстава за ЕУ како за еден вид Југославија. Паралелите се фрапантни.

Сегашната криза на ЕУ, многумина ги потсетува на југословенската криза. Словенечкиот економист Јоже Менцингер најде вистински израз. Тој рече дека ЕУ страда од југословенски синдром. Тоа значи, постоење една заедничка економија, но различни нации, различни идентитети, што значи различни економски политики. Резултатот е следниот: секоја нација се чувствува искористена од останатите. Слично како што Словенија и Хрватска во поранешна Југославија стравуваа дека ќе плаќаат за Косово, Македонија или БиХ како во буре без дно, така во однос на Грција стравуваат и Германците во ЕУ. Обратно, Косовците, Македонците и Босанците укажуваа на растечкото богатење на Словенија и Хрватска, и своето споредбено зголемено осиромашување. Со истото право тоа денес можат да го велат Грците во однос на Германците. Ваква паралела таму е присутна во главите кај многу луѓе, кога мислат на ЕУ.

Дали земјите од Западен Балкан, без контролно влијание од ЕУ, можат воопшто да се развијат во правец на силна правна држава со демократски стандарди?

Мислам дека можат, но недостига силен мотив. На најсилните поборници на европските вредности им е избиен важен  адут од рака: тие постојано тврдеа: ако правите како што ние предлагаме, ќе влеземе во ЕУ. Сега, кога не можат тоа да го кажат, нивното гледиште за општеството е едно меѓу многуте други, па се случува примат да изборат авторитарни концепти.

Постои ли на Балкан опасност, можеби наместо ЕУ, Русија да преземе важна улога?

Не верувам во ориентација на балканските земји кон Русија. Во основа, Москва нема многу да им понуди, освен енергија. Русија би била преоптоварена со играњето на улогата на Балкан која досега ја имаше ЕУ. Но, Русите можат да ја искористат можноста да фрлат одвреме-навреме песок во моторот, да ја отежнат ситуацијата. 

Останува ли Балканот буре барут, како што често се вели?

Балканот, всушност, не е буре барут. Буре барут е Европа, но Балканот е фитилот. Конфликтите се опасни, неможно е да се изолираат. А токму во сегашнава ситуација, кога светот стана понестабилен и нема вистинска водечка сила, на конфликтните страни на Балканот би им било олеснето да си бараат сојузници меѓу големите сили. Слична ситуација како во 1914. година, оттаму се најголемите стравувања.

Норберт Мапес-Нидик е германски новинар и експерт за Југоисточна Европа. Тој соработува со различни весници на германски јазик и има објавено повеќе книги за Западен Балкан. Негово последно објавено дело е книгата „Сироти Роми, лоши Цигани.“